Груевски побара од Монти поддршка за датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска(понеделник, 22.10.2012 година), во Рим, оствари средба со премиерот на Република Италија, г-дин Марио Монти.

Двајцата соговорници ги поздравија одличните односи кои владеат помеѓу двете земји на секое ниво од билатералната соработка, и истакнаа спремност и подготвеност за продолжување со нивното надградување и интензивирање.

Посебен акцент беше ставен на заложбите за динамизирање и продлабочување на економските односи, трговската размена и можностите за инвестиции.

Премиерот Груевски информираше за реформите кои се спроведуваат во нашата земја, и кои беа поздравени и високо оценети и од страна на Европската Комисија во најновиот извештај за напредокот на Република Македонија.

Во пресрет на декемврискиот Европски Совет, премиерот Груевски побара поддршка од Република Италија за определување на датум за почеток на преговори за членство на Република Македонија во Европската Унија, што беше препорачано и од Европската Комисија.

Претседателот на македонската Влада ја истакна посветеноста на Република Македонија за продолжување на реформите и надминување на отворените прашања кои влијаат на европскиот и евроатланскиот интегративен пат.

Премиерот Монти ја истакна поддршката која Република Италија ја дава на Република Македонија, афирмирајќи ја италијанската заложба и поддршката за членство на сите земји од Југоисточна Европа во Европската Унија и НАТО.

Соговорниците разговараа и за состојбите во економијата на континентот, актуелната европска должничка криза и нејзините ефекти, и можностите и механизмите за нејзино надминување и обезбедување на услови за економски раст и развој.