Канческа-Милевска го посети локалитетот Стибера и постави камен-темелник на конак на манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Варош

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска беше на археолошкиот локалитет Стибера кај Прилеп за да се информира за конзерваторските работи што се изведуваа изминатите три месеци. Тие се и први сеопфатни работи за заштита на локалитетот, за што Министерството за култура одвои 2,5 милиони денари.

- Задоволство ми е што сум во еден од позначајните архелошки локалитети во Македонија и еден од најголемите антички градови на овие простори. Од 2008 до 2011 имаше истражувања за кои Министерството одвои околу 6 милиони денари. Многу битно е што настапи процесот на конзервација на сето истражувано од Прилепскиот завод и музеј, со што се зачувува се што е откриено. Денеска може да се види целиот процес. Кога се истражуваше, откриен е голем архелошки вреден материјал статуи, плочи, артефакти што го потврдува големото значење на локалитетот како голем антички град со 20.000 жители. Локалитетот е огромен, под земјата се крие огромно културно наследство. Во иднина уште ќе се истражува за ова големо богатство да и се презентира на домашната и на светската јавност, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Во локалитетот Стибера се конзервирани гимназионот, бедемите, култните објекти на остатотците на некогашниот антички град кој својот процут го имал од 3 век пред нашата до 3 век од нашата ера.

Министерката Канческа-Милевска заедно со претставници на Заводот и музеј од Прилеп, прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, митрополитот Петар и виакрниот епископ Климент, постави и камен-темелник на источниот конак на манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Варош, кој е споменик на културата.

- На симболичен начин го означуваме почетокот  на реконструкцијата на источниот конак во манастирскиот комплекс „Свети Архангел Михаил“ во Варош – македонската Света Гора, како што се нарекува со многуте цркви, манастир кој е вреден примерок на високите естетски квалитети на традиционалната македонска архитектура. Со реализацијата на овој проект ја демонстрираме нашата подготвеност да му обезбедиме долговечност на овој споменик на старата македонска архитектура, но ја потврдуваме и нашата грижа за сите непроценливи културни вредности и несоборливи факти на наследството што ни ги остави историјата, истакна Канческа-Милевска.


Министерството за првата фаза на изградбата на источниот конак, кој е обнова на оној што постоел претходно, издвои 3 милиони денари за темелите и столбовите. Ќе финансира и в година за втората фаза и се очекува тогаш да бидат изградени источните конаци.

Димензиите на конакот се 19 на 11 метри со висина од 12 метри. Ќе има приземје и кат со вкупна површина од 282 метри квадратни. Инаку, конаците, западниот и источниот, биле градени во 1831 година, а по дваесетина години потоа биле опожарени.

Првата црква од манастирскиот комплекс „Свети Архангел Михаил“ била изградена во 12 век и доградувана во наредните два века. Во тремот на црквата има три антички столба, а на еден од нив е надгробниот натпис на епископот Андреја кој потекнува од 996 година и е втор најстар натпис пронајден во Македонија напишан со кирилско писмо.