Пуштена во сообраќај булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“

Премиерот Никола Груевски и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денеска присуствуваа на официјалното отворање за сообраќај на втората делница од проширениот булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“.

Втората фаза од проширувањето, со вкупна должина од 1.100 метри, е направено од крстосницата со улицата „Франклин Рузвелт“ до крстосницата со улицата „Братфордска“ и булеварот „8.Септември“, со што булеварот ќе добие четири коловозни ленти.

Со проширувањето, реконструкцијата и обновувањето на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, според Груевски, се проби уште едно тесно грло на градот и се овозможи поголема проточност на возилата.

- Тоа е од големо значење за граѓаните, особено за оние кои секојдневно патуваат по овој булевар. Владата на Република Македонија и во иднина ќе ги поддржува проектите на локалната самоуправа кои значат издигнување на Скопје во вистинска метропола по сите стандарди на модерното време, нагласи Груевски.

Да се даде импулс на скопското урбано живеење и да се создаде ефикасен и модерен инфраструктурен сервис за граѓаните во овие години, додаде премиерот, е вистински предизвик, но и голема одговорност.

- Тоа е така, затоа што со години наназад во Скопје се зголемува бројот на жители, се прошируваа населбите, скопските улици опслужуваа се повеќе возила, многу работи се менуваа, но улиците и целосната инфраструктура остануваше иста. Таквата немоќ на градските власти и игнорантскиот однос на претходните влади за справување со тековните проблеми на градот, резултираа со бројни проблеми со кои граѓаните секојдневно се соочуваа, нагласи претседателот на Владата.

Тој смета дека резултатите, како што рече, ред по ред, почнаа да излегуваат на секој дел од градот, потсетувајќи на новите и проширени улици и булевари, мостови, кружни текови, паркови, катни гаражи, нов лик на Зоолошката гардина, ново осветлување и зеленило, фасади, автобуси, скулптури.... 

Градоначалникот Трајановски информира дека од двете страни на новата сообраќајница формирани се тротоари со ширина од по 3,5 метри, покриени со бекатон плочки на површина од 6.500 метри квадратни.

- Проширувањето на овој коловоз се одвиваше од левата страна во насока кон Карпош. По проширувањето, оваа сообраќајница доби четири коловозни ленти и вкупна ширина на коловозот од 16 метри. Во текот на реконструкцијата на улицата се заменети рабниците, а направена е и заштита на подземните инсталации, рече Трајановски.

Проширувањето, додаде, се искористи и за да се изгради атмосферска канализација, а ќе се изврши и реконструкција на постојната фекална канализација.

Во првата фаза Град Скопје лани го прошири и реконструираше овој булевар на потегот од улицата „Франклин Рузвелт“ до улицата „Костурски херои“ и кон улицата „Свети Кирил и Методиј“ до свртување кон улицата „Народен Фронт“.