Промовирана ДВД едицијата реставрирани филмови од Столе Попов
На Меѓународниот ден за заштита на аудиовизуелното наследство, денеска Кинотеката на Македонија ја промовира ДВД-едицијата со седум дигитално реставрирани филмови од режисерот Столе Попов.
Минстерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека оваа луксузна колекција на играни и документарни филмови на режисерот Столе Попов ќе биде репрезентативен подарок за сите вљубеници во македонската филмска уметност и ќе биде добра можност да се запознаат со нашата филмска историја.
- Дигиталната реставрација на филмскиот опус на режисерот Столе Попов е извонредно значајна придобивка за македонската култура бидејќи таа го прикажува творештвото на авторот кој остави длабоки траги во македонската кинематографија и кој како творец е познат не само на македонската јавност, туку и многу пошироко, рече министерката за култура.
Процесот на дигитализација и дигитална реставрација на националното адуивизуелно наследство во Македонија, како што додаде Канческа-Милевска, е еден од приоритетите на Министерството за култура што започна минатата година како неохподен зафат во развојот на новите технологии за заштита, чување и презентација на културното наследство.
- Дигитализацијата која е една од основните цели на стратегии за културно наследство на ЕУ ја препознаваме како значаен елемент во изградбата и развојот на информатичкото општество и општеството на знаење, сегменет кој претставува значаен фактор во остварувањето на културната политика и културниот развој на земјата, истакна министерката Канческа-Милевска.
Директорката на Кинотека на Македонија Мими Ѓоргоска-Илиеска на промоцијата рече дека дигитално се реставрирани четири долгометражни играни и три документарни филмoви.
- Во едно ДВД издание се документарните филмови Австралија Австралија, Дае и Оган, а долгометражните се на посебно ДВД. Има и ексклузивно издание ДиГи пак каде се ставени петте ДВД-а со сите седум реставрирани филмови од Попов и буклет во кој се содржани податоци за филмот, осврт и критички текст за творештвото на Попов, истакна Ѓоргоска-Илиеска.
Реставрацијата се одвивала во текот на минатата година во Љубљана од експерти и професионалци, надгледувани од претставнции од Кинотека и професорот Апостол Трпевски.
Цената на ДВД изданијата, ќе биде 500 денари за поединечните и 3.000 днеари за ДиГи пакот, а првите 100 изданија ќе бидат со 50 проценти попуст.