Можност македонски и словенечки ИКТ компании да настапуваат на трети пазари
Македонски и словенечки компании од информатичко комуникацискиот сектор да настапуваат заеднички на трети пазари, а потенцијалите на ИКТ секторот да се искористат за реформири на администрациите во услови на економска криза и потреба од рационализација на трошоците.
Тоа се главните пораки од денешните разговори на македонскиот министер за информатичко општество и администрација Иво Ивановски со словенечкиот министер за правосудство и администрација Сенко Пличанич, кој придружуван од бизнис делегација, престојува во посета на Македонија.
Своите погледи за можностите за соработка министрите Ивановски и Пличанич ги изнесоа на бизнис форум во Стопанската комора на Македонија пред членки на Комората МАСИТ и словенечки компании од таа област.
Заедничкиот настап на трети пазари, според Ивановски, е неопходен во услови на глобализација и се поголема конкурентност во ИКТ секторот. Поголемите земји кои располагаат со повеќе ресурси имаат побрза можност да освојуваат туѓи пазари.
- Затоа денеска дискутиравме како Македонија и Словенија во ИКТ секторот со заеднички сили ќе можат да навлезат на пазарот на ЕУ, којшто е доста развиен, но е малку искористен од земјите кандидати и членки, како и на пазарите во Африка, а особено во арапскиот свет каде се повеќе се инвестира во решенија за електронско владеење особено откако се случи Арапската пролет, изјави Ивановски.
Словенечкиот министер оцени дека постојат многу можности за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Словенија, за почеток, како што рече, во ИКТ секторот и администрацијата.
ИКТ технологијата, истакна, е значајна за равој на модерна и порационална државна управа. - Тоа е многу значајно за Словенија во услови на економска криза и потребата за рационализација на трошоците и финансиите. ИКТ е таа што може да направи големи работи во рационализацијата на трошоците, рече Пличанич.
Македонскиот и словенечкиот министер на средбата заклучиле оти имаат заеднички цели за реформи во администрацијата за таа да биде што поефикасна и помодерна и ориентирана да нуди што повеќе услуги за граѓаните.
Претседателот на МАСИТ Игор Бимбилоски се надева дека наскоро ќе има конкретни резултати од денешните разговори на министрите и компаниите за заеднички пласман на производи и сервиси.
- Ова е од посебно значење за компаниите што работат во Македонија бидејќи Словенија е земја што е доволно блиска со нас од бизнис, културолошки и од географски аспект. Таа е членка на ЕУ и компаниите ќе можат да пренесат искуства што би ги искористиле за пласман на производи. Се надевам на конкретни резултати за скоро време, рече Бимбиловски.
Словенечкиот министер за правосудство Пличанич во тек на престојот во Македонија ќе има средба и со својот домаќин, министерот за правда Блерим Беџети.