Владата ќе додели над 1.200 стипендии за млади лица, ученици и спортисти до 20 години за учебната 2012/2013

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Поддршката на развојот на младинскиот ентузијазам, талентираноста, амбициозноста, и образовното и спортско надградување на младите лица се значаен елемент од правилниот развој на младите.

Владата го усвои планот за давање на стипендии на младите лица до 20 години, и тоа и за стипендирање на учениците кои учат во средните училишта, но и за младите спортисти кои ја претставуваат иднината на македонскиот спорт. Владата за оваа намена од Буџетот обезбеди финансиски средства во висина од 35 милиони денари, кои ќе ги исплати на младите лица, учениците и спортистите до 20 години. Овие средства ќе бидат од значење за младите за нивниот развој, стимулација во процесот на нивната едукација, вреднување на нивните постигнувања, и општо ќе им помогнат во задоволување на нивните потреби и интереси.

Стипендиите се поделени во две категории. Првата е стипендии за учениците во средно образование каде што постојат пет категории за стипендии, и втората е стипендии за спортски надежи до 20 годишна возраст, за кои следува објаснување подолу.

Прво, Владата ја донесе одлуката за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за учениците запишани во средните училишта за учебната 2012/2013 година.

Стипендиите ќе може да ги добијат само редовно запишаните ученици и се поделени во неколку категории и тоа:

1. Стипендии за социјална поддршка на ученици. Нив ги добиваат ученици кои оствариле успех од најмалку 4,00, а се добиваат низ збир на бодовите од успехот и дополнително од критериумите примање на социјална помош, надомест по основ на технолошки вишок, ученици – деца на самохрани родители. За освоени награди овие кандидати добиваат дополнителни бодови. Месечниот износ на стипендијата е 1.500 денари, за вкупно 400 стипендии.

2. Стипендии за талентирани ученици од средното образование. Нив ги добиваат ученици кои освоиле I, II и/или III место на меѓународен и/или државен натпревар од областа на науката, техниката, културата, уметноста и кои имаат остварен успех 5,00. Месечниот износ на стипендијата е 2.200 денари, за вкупно 50 стипендии.

Владата одлучи во оваа одлука да се задржат и оваа година и дополнително предвидените категории стипендии, а кај некои од нив има и зголемување на опфатот.

1. Стипендии за талентирани ученици - спортисти. Нив ги добиваат ученици кои освоиле I и/или II место на меѓународен и/или државен натпревар од областа на спортот и имаат остварен успех од најмалку 4,00. Лани беа доделени 90 стипендии, а оваа година се предвидени 150 стипендии, а месечниот износ на стипендијата е 2.200 денари, како што истакнав за вкупно 150 стипендии, од кои 20 стипендии ќе се доделуваат за талентирани ученици -  спортисти со посебни потреби.

2. Стипендии за ученици со посебни потреби, кои оствариле просечен успех од најмалку 3,00. Лани беа доделени 35 стипендии, а за оваа година се предвидени 50 стипендии, а месечниот износ на стипендијата е 2.000 денари.

3. Стипендии за ученици – деца без родители. Нив ги добиваат ученици кои оствариле успех од најмалку 3,50 и потекнуваат од домовите за деца без родителска грижа. Лани беа доделени 30 стипендии, а за оваа година се предвидени 80 стипендии, а месечниот износ на стипендијата е 2.000 денари.

Вкупно за 2012/2013 година ќе бидат доделени 730 стипендии за учениците од средното образование. Конкурсот за аплицирање за овие стипендии ќе биде распишан во идните неколку денови. Апелираме за обраќање внимание за оваа можност за учениците особено за искористување на можностите кои се нудат за социјално ранливите категории, за исполнување на капацитетот на квотите кои се предвидени и зголемени. Оваа е можност за поддршка на развојот на младите.

Второ, во насока на развој на спортот, поддршка и стимулација во остварувањето на повисоки спортски резултати и обезбедување на квалитетна иднина за македонскиот спорт, Владата преку АМС во текот на следните денови ќе ја објави и листата на 500 лица кои добиле стипендии - спортска надеж, кои се доделуваат на спортистите младинци на возраст до 20 години, од 50 национални спортски федерации, и која изнесува 20% од просечната плата или околу 4200 денари, и тој износ се исплаќа во 10 месеци од годината.

Притоа Владата одлучи оваа година стипендија спортска надеж да добијат сите 111 ученици од Спортската академија во средното фискултурно училиште “Методија Митевски Брицо“ кои учат фудбал, кошарка, ракомет и тенис.

Оваа година, со одлука на Владата за прв пат оваа стипендија е предвидена и за спортистите од редот лицата со посебни потреби, односно оштетен вид, слух и говор, врз основа на предлози од федерациите за спорт на слепите и глуви и наглуви лица, кои предложија 14 спортисти од оваа категорија да добијат стипендија и истата ќе ја добијат.

Останатите 375 стипендии ќе им бидат доделени на спортистите до 20 години, кои ги предложија националните спортски федерации во одделни спортови, и тоа за индивидуални спортови врз основа на индивидуален резултат, а за екипните спортови врз основа на учество во националната репрезентација на младинци.

Целокупната владина поддршка за учениците и спортистите, покрај останатите бенефиции и финансиски надоместоци кои ги добиваат младите лица, како што се бесплатни учебници, бесплатен превоз до средно училиште, но и инвестиции во инфраструктурни потреби и објекти, училишта, спортски сали, опремување на кабинети и над 150 други проекти, ќе значат нова стимулација за младите луѓе да учат и спортуваат, да се надградуваат, и да обезбедат повисок степен на знаење и вештини кои ќе им овозможат идни опции во животот.