Потпишан Договор за соработка за реализација на Проектот за обновлива енергија во Македонија

Договор за соработка за реализација на Проектот  за обновлива енергија во Македонија, кој ќе се спроведе во период од 18 месеци, како дел од пошироката Балканска програма за обновлива енергија потпишаа денеска министерот за економија Ваљон Сарачини заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми и претставникот од Меѓународната финансиска корпорација, Зоран Мартиновски.

Министерот Сарачини истакна дека реализацијата на проектот нема да предизвика фискални импликации освен обезбедување придонес во форма на услуги и производи за поддршка на активностите кои ќе бидат спроведувани од Меѓународната финансиска корпорација.

- Главна цел на проектот е преку подобрување на регулаторна рамка да се овозможи на потенцијалните инвеститори на мали хидроелектрани да подготват одржливи проекти, но и да се овозможи поддршка во промовирање на инвестициите во секторот за одржлива енергија преку унапредување на успешната реализација на процесите на спроведување тендери за мали хидроелектрични централи, што се организирани досега, рече Сарачини.

Во досегашниот период, посочи тој, потпишани се вкупно 70 договори за концесија за вода за мали хидроелектрични централи за првите пет меѓународни огласи.

- Вкупниот инсталиран капацитет изнесува 60,3 мегавати, очекуваното годишно производство на електрична енергија изнесува 237 гигавати, а проценетата инвестиција изнесува 120 милиони евра. Во буџетот на државата по основ на еднократен концесиски надомест уплатени се над 600 милиони денари. Во досегашниот период, пет мали хидроцентрали се пуштени во работа, 16 се во фаза на изградба, од кои се очекува пет да станат оперативни до крајот на годината.  Десет мали хидроцентрали очекуваат да добијат одобрение за градење, додека останатите концесионери се во напредна фаза за барање на одобрение за градење, истакна Сарачини.

Тој додаде дека во подготовка е шестиот меѓународен јавен оглас, кој согласно Законот за води, ќе го спроведе Министерството за животна средина и просторно планирање.

Министерот Адеми рече дека од нивен интерес е овие јавни огласи да бидат успешни и да се најдат инвеститори кои ги задоволуваат поставените тендерски барања.

- Доколку добиеме поедноставни и појасни регулаторни и системски решенија во областа, влезот на инвестиции ќе биде побрз и поефективен, истакна Адеми.

Претставникот од Меѓународната финансиска корпорација, Мартиновски посочи дека проектот ќе се спроведува во следните четири години во насока на подобрување на правната рамка и инвестициската промоција на малите хидроелектрични централи (МХЕ) во Република Македонија; соработка со потенцијалните инвеститори во мали хидроцентрали во насока на подготовка на технички и финансиски одржливи проекти; советодавни услуги насочени кон финансиските институции со цел олеснување на финансирањето на одржливи проекти за МХЕ.

Во рамки на Проектот, Меѓународната финансиска корпорација ќе овозможи поддршка на министерствата во развивање на поволна регулаторна рамка, согласно светските добри практики и барањата на ЕУ, и тоа во имплементација на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, во делот на мали хидроелектрани, докомплементирање на подзаконската регулатива која се однесува на обновливи извори на енергија, подобрување на нацрт договорите за концесија и нацрт договорите за откуп на електрична енергија, усогласувањето на постојниот Закон за води и подзаконска регулатива која произлегува од овој закон со останата законска регулатива која се однесува на малите хидроелектрични централи.