Почнува со работа фабриката „Продис“ на рускиот фармацевтски холдинг „Протек груп“

Во технолошко-индустриската развојна зона „Скопје 1“ денеска е отворена фабриката „Продис“ на рускиот фармацевтски холдинг „Протек груп“ во која ќе се произведуваат хомеопатски лекови, органски и неоргански производи и чаеви.

Во фабриката со површина од 5.000 метри квадратни првично ќе бидат вработени 45 лица, а до крајот на годинава нивниот број ќе се зголеми на 80. Во втората фаза се очекува да бидат доградени уште 4.000 метри квадратни и да се вработат уште 80 лица со што целосно ќе биде затворено производството на хомеопатски лекови од суровина до финален производ.

Изградбата на објектот досега чинеше 3,8 милиони евра, а до крајот на годинава се очекува да бидат вложени уште 400.000 евра.

Фабриката официјално ја отвори премиерот Никола Груевски заедно со економскиот тим на Владата, рускиот амбасадор во Македонија Олег Николаевич Шчербак и сопствениците.

- Октомври 2012 година дефинитивно е месец на инвестиции во Македонија. Отворен е „Сити мол“, инвестиција од 100 милиони евра во која се очекува да се отворат околу 2.000 нови работни места, „Кемет електроникс“, инвестиција од 25 милиони долари која се очекува да отвори околу 500 работни места, „Текнохозе“, инвестиција од околу 15 милиони евра што се очекува да отвори околу 200 нови работни места. Денеска го заокружуваме месецот на инвестиции со  отворањето на новата фабрика „Продис“ на рускиот гигант „Протек груп“,  инвестиција од околу 8 милиони евра кога целосно ќе се заврши. Во првата фабрика за хомеопатски лекови на Балканот се очекува да се   вработат 160 лица по целосното завршување, рече премиерот Груевски на отворањето на фабриката.

Новата фабрика, додаде, треба да донесе нови знаења и технологии за фармацевтската индустрија и за производство на лекови. Покрај директни ќе овозможи и голем број индиректни вработувања на лица пред се од еколошки чистите краеви на Македонија од каде „Продис“ ќе црпи суровини.

- Реализацијата на оваа инвестиција ќе резултира и со подобрување на македонскиот извоз и во  подобрување на нето-трговскиот баланс кон другите земји од Европа и светот, рече Груевски.

Инвестицискиот бран во Македонија, нагласи, воопшто не е случаен и е резултат на многу работа и многу труд.

- Свое влијание има изградбата на технолошко-индустриските развојни зони, даночната политика, состаноците со бизнис секторот, бројните разговори со инвеститорите и приватниот сектор на многуте роуд-шоуа, многу мерки за олеснување на бизнисот и серија економски политики спроведувани повеќе години наназад. Свое влијание има и повеќегодишната кампања за промоција на бизнис можностите на Македонија која ја спроведуваме постојано и на сите страни во светот, рече Груевски.

Додаде дека очекува и се надева оти и во иднина ќе продолжат новите инвестиции во Македонија и дека други руски компании ќе го следат примерот на „Протек груп“.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески нагласи дека отворањето на „Продис“ е резултат на средбите со инвеститорите одржани за време на владините роуд-шоуа.

- Тоа покажува дека конкретни дела и конкретни проекти стојат зад напорите на Владата за привлекување странски инвестиции преку форуми и билатерални средби со поединечни инвеститори на кои им се објаснува бизнис климата и можностите за вложување во Македонија. Вториот сегмент за привлекување инвестиции е правењето добар амбиент, а тоа е 23. место на Македонија во светот во конкуренција на преку 185 земји што е најдобро во регионот.  Третиот фактор е македонската дијаспора која ги убедува странците дека Македонија е добро место за инвестирање, рече Ставрески.

Токму таков пример, додаде, е генералниот директор и кофинансиер на „Продис“ Коста Димов кој го убеди сопственикот на „Протек груп“ Вадим Јакунин Сергеевич да инвестира во Македонија.

Директорот на ТИРЗ Виктор Мизо посочи дека денешниот настан е показател дека покрај САД, Велика Британија, Италија и Белгија интересот за зоните во Македонија се проширува и во други делови во светот, поточно кон Русија, земја што е пример за брзорастечка економија.

- Започнувањето со работа на гигантот „Протек груп“ е знак дека во период од само неколку години успеавме во зоната во Скопје да создадеме светски бренд кој ги нуди  сите услови потребни за една компанија брзо, ефикасно и успешно да работи. Пред две недели во ТИРЗ Скопје 1 имавме само две компании кои беа активни, а денеска  нивниот број достигна пет. Се надеваме дека „Протек груп“ ќе го следат и многу други компании, рече Мизо. 

Рускиот амбасадор Шчербак посочи дека и во услови на криза руските инвеститори продолжуваат да вложуваат средства во изградба и реконструкција на производствени капацитети во Македонија.

- Најдобар доказ за тоа е пуштањето во работа на „Продис“ со што вкупниот број руски инвестиции во Македонија достигна 400 милиони долари, рече Шчербак.

Нагласи дека и во иднина треба да продолжи соработката на државно ниво, но и директните контакти меѓу бизнисмените од двете земји за да се подобри соработката на економско поле меѓу Руската Федерација и Македонија.

Сопственикот на „Протек груп“, Јакунин рече дека тоа што го ветиле пред 2,5 години денеска станува реалност.

- Успеавме во нашите намери да создадеме фабрика што ќе произведува производи кои ќе ги задоволат потребите на современиот човек. Изградивме најсовремена фабрика за производство на органски и неоргански производи, чаеви и хомеопатски лекови со добар квалитет и конкурентни цени, рече Јакунин.

Им се заблагодари на премиерот и на  македонската Влада за безрезервната поддршка за време на реализирањето на проектот.

Генералниот директор и кофинансиер на „Продис“, Коста Димов, воедно и сопственик на компанијата „Дисако“, истакна дека во Бунарџик се отвора фабрика со најсовремени стандарди.

- Денеска сме пред објектот кој ќе донесе нови вработувања и нови производи во земјава, како и нов македонски бренд кој ќе се пласира на странските пазари и тоа не само во Руската Федерација, туку низ целиот свет, рече Димов.

Направивме, потенцира, фабрика по највисоки стандарди и норми поради што сметам дека се оправдани дополнително вложените 30 отсто од првично планираните средства.  

„Протек груп“ е еден од најголемите фармацевтски холдинзи во Русија што се занимава со производство, дистрибуција и трговија со лекови и козметика. Вработува 12.000 луѓе и има годишен обрт од четири милијарди долари.