Доделени наградите за за општествена одговорност на претпријатијата

Цементарница „Усје“, „Македонија лек“, „Фени индустри“, „Дониа“ - Прилеп, АД ЕЛЕМ, „Макпрогрес“ - Виница, „Принцес груп“ - Гевгелија, „ЕВН Македонија“, Пивара „Скопје“, „Ренова“ од Џепчиште и Американ колеџ се годинашните добитници на наградите за општествена одговорност на претпријатијата.

Наградите што годинава се доделуваат по јубилеен петти пат, се во вкупно пет категории, односи со вработените, етичко управување, животна средина, односи на пазарот и вложување во заедницата.

- Општествената одговорност предизвикува се поголем интерес кај македонските претпријатија. Тоа потврдува дека ваквиот концепт станува дел од нивната деловна политика, по примерот на европските компании со што се подобруваат конкурентноста, угледот и имиџот, односите со добавувачите, потрошувачите и потенцијалните инвеститори, како и лојалноста на вработените што е сигурен пат до долгорочен успех во бизнисот, рече министерот за економија Ваљон Сарачини пред доделувањето на наградите.

Општествената одговорност, нагласи Сарачини, не претставува трошок, туку предност за фирмите зашто поблиските релации со клиентите, државните институции, инвеститорите и медиумите се придобивка.

Според евроамбасадорот Аиво Орав, во Европската унија бројот на бизниси што делуваат на општествено одговорен начин постојано се зголемува и тоа не е правна обврска, туку единствено нивна волја.

Конкурсот за годинашните награди за општествена одговорност на претпријатијата траеше од август до септември. На него аплицираа 36 претпријатија од кои 13 мали и средни и 23 големи компании со вкупно 59 проекти.

Првпат годинава признанија за посебен придонес, пристап и поддршка добија и неколку медиуми, „Капитал“, Алсат, Алфа, Македонско радио, Сител и „Дневник“.