Попоски: Подготвен одговорот на грчкиот Меморандум, оценките на бугарските власти се нереални

Владата подготви одговор на Предлог меморандумот за разбирање што Грција во почетокот на октомври и го испрати на Македонија. Во македонскиот одговор што во најскоро време ќе биде доставен до Атина, како што изјави на денешната прес-конференција министерот за надворешни работи Никола Попоски,  се бара почитување на неселективен начин на сите обврски преземени од минатото и целосна посветеност на дијалогот, кој Македонија сака да го има со Грција.  

- Тоа што е најзначајно е дека мораме да се фокусираме на она што значи главна идеја во рамки на заедничката цел - интегрирање во ЕУ, а тоа е да ги почитуваме определените правила и норми и да се базираме на неселективен начин на она што е воспоставена обврска и воспоставена релација. Од страна на РМ ќе се потрудиме максимално позитивно да одговориме на секоја иницијатива кон приближување на таа заедничка идеја, и секоја земја во нашиот регион има интерес да придонесува кон реализација на таа идеја, рече Попоски.

Доколку се согласиме околу тоа, вели шефот на дипломатијата, во голема мерка ќе се олесни и комуникацијата на сите нивоа, подочувајќи оти соработката меѓу граѓаните и бизнисите  се одвива на одлично ниво.

- Тоа што треба да го рефлектираме е да бидеме искрени и посветени на заедничката агенда во следниот период. И во тој правец гледам на можноста да имаме определена соработка во тој дел и почитување на неселективен начин на сите обврски преземени од минатото и целосна посветеност на дијалогот, кој сакаме да го имаме, рече Попоски.

Во однос на предлогот решението да се бара во име со географска одредница за севкупна употреба, министерот Попоски посочи оти најзначајно е да се биде непристрасен во однос на Меморандумот, „а тоа значи да се земат предвид оние непристарасни оценки во однос на која било разлика“ и посочи на одлуката од Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

- Тука највисокото правно тело на ОН се има произнесено по однос на права и обврски и нивното почитувања. Во делот на обврските преземени од страна на Македонија, за кои сме компетентни да одговараме, оценката е дека секогаш сме ги испочитувале своите обврски и дека исклучително проактивно сме пристапувале кон секоја обврска вклучително и кон отворениот дијалог, кој сакаме да го имаме со сите соседи и со Грција. Македонскиот пристап е конструктивен и, пред се, принципиелен, рече министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Во однос на формулацијата за решавање на прашањето за името во рана фаза од пристапните преговори со ЕУ како што препорача Европската комисија, Попоски посочи на постоечката пракса во Унијата за одвојување на билатералните прашања од процесот на пристапување.

- Мора да почитуваме едно воспоставено правило во рамките на ЕУ дека билатералните прашања имаат третман на билатерални. Процесот на интеграција во ЕУ мора да биде фиксиран врз оние правила кои се дадени во правната рамка на Унијата и таа нема никаков интерс да комбинира билатерални прашања со прашања поврзани со динамиката на интегрирањето. Најзанчајно е да се задржи логиката - кога остварувате определени критериуми да преминувате во следната фаза. Фактот што имате заедничка цел, а тоа е членство во ЕУ, треба да биде дополнителен фактор за олеснување на кои било билатерални потешкотии. Само на тој начин се надминати сите билатерални прашања кои постоеле во сите претходни процеси на проширување. Не смееме да дозволиме такво правило да биде прекршено во овој случај, истакна Попоски.

За обвинувањата од бугарските власти за нарушување на добрососедските односи од Македонија и дискриминаторски однос кон граѓани кои се чуствуваат како Бугари, Попоски оцени дека не ја одразуваат реалноста, бидејќи вели, нема ниту еден конретен пример што би можел да ги поткрепи таквите тврдења на официјална Софија.

- Таквата оцена не ја одразува реалноста. Не сум во состојба во моментов да најдам ниту еден конкретен пример, кој би ги преточил ваквиот тип квалификации во едно определено конкретно дејствие. Она што е конкретно се изјавите кои константно ги имаме. Kлимата, која константно ја создаваме е градењето на добрососедски односи на еден суштински начин. Мислам дека дефиницијата за добрососедство е искреност во односите. Ние сме исклучително искрени во односите во однос на градење добри односи со сите наши соседи. Тоа е највисок приоритет и во една таква клима мислиме дека треба да се градат односите од аспект на заедничката иднина, која очекуваме да ја имаме во рамки на ЕУ, изјави министерот Попоски.

Тој ги повтори пораките кои во неколку наврати ги упати до бугарските власти наместо кон историјата, односите на двете земји да се фокусираат на конкретни проекти што се во интерес на двата народа. Македонскиот пристап е практичен и европски, додаде, и очекува исто таков европски пристап од кој било соговорник од соседството, вклучително и од Бугарија.

- Искрено, не гледам фалинка во еден пристап, кој е искрен, кој е отворен и кој дава соодветен третман на секое прашање кое е од определено значење. Нашиот пристап, и тоа е она што е нашата агенда во водење на една европската политика во билатералните односи со сите наши соседи, вклучително и со Бугарија, е следниот: доколку имате интерес за историја, да ги оставиме историчарите да ја третираат. Доколку имате интерес за определено практично прашање, на пример, да градиме инфраструктура, да градиме гранични премини, да се поврзуваме, да имаме заеднички проекти, да се занимаваат оние на кои тоа им е во описот на работно место. Мислам дека колку повеќе практични проекти имаме, толку повеќе ќе ги одразиме интересите на граѓаните од двете страни на границата. Што повеќе се оптоваруваме со прашања коишто не се во доменот на она што би требало да биде третман на билатерални односи од практичен аспект, мислам дека само можеме да ја обремениме таквата комуникација, изјави Попоски.

Тој го оцени како европски одговорот на претседателот Ѓорге Иванов за заедничко одбележување од Софија и Скопје на Денот на Европа како можен датум, а на бугарското барање за заедничко славење на настани и личности од историјата. Смета оти тоа дава можност да се покаже колку земјите се постветени на најуспешниот мировен проект на континентот - ЕУ.

- Битно е што сакате да постигнете и кој ви е методот. Доколку целта е да постигнете заедничко празнување заради одбележување на фактот дека имате заедничка иднина, Денот на Европа е сосем соодветен датум за тоа и е веќе пракса во огромен број европски земји. Доколку целта ви е само да имате дополнителна тема и прашање, методот не соодветствува на тоа што сакате да го имате, рече Попоски.