Ригорозни казни за дивите превозници со трајно одземање на возилата

Ригорозни казни со трајно и времено одземање на возилата на превозниците кои во патниот сообраќај ќе вршат превоз без лиценца и дозвола за возниот ред, обврска за автобуските станици да воспостават електронски систем за издавање билети, бесплатни билети за лицата со телесна инвалидност до 90 проценти.

Тоа се дел од измените и дополнувањата на Законот за превоз во патниот сообраќај, што ги презентира денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, усвоени од Владата на последната седница.

За вршење превоз без лиценца за превозникот или без извод од лиценца за возилото се предвидува трајно одземање на возилото и глоба од 500 евра за лицето кое го управувало. За период од шест месеци до една година ќе се одземе возилото за превоз без довола, односно ако превозникот има лиценца, но сообраќа на релација за која нема дозвола. Ако го повтори прекршокот возилото ќе му биде одземено трајно.

Според Јанакиески, со новите казни треба да се зададе конечен удар на дивите превозници. - Нашата цел е целосно да се справиме  со дивиот превоз во Македонија. Претходно имаше норма со која времено се одземаа возилата и имаше случаи кога  на некои им беше исплатливо и да им се одземе возилото и да купуваат нови. Одземавме скоро 200 возила и повторно има нелегален превоз и затоа се определивме за една ваква поригорозна мерка. Се надевам дека со ова ќе зададеме конечен удар на нелегалните превозници,  рече Јанакиески и додаде дека дивите превозници со неплаќање давачки кон државата, го оштетуваат Буџетот и се нелојална конкуренција на тие што плаќаат.

Со сегашните казни и инспекциите, укажа министерот, нелегалните превозници се намалени драстично за што е показател зголемената продажба на билети во автобуските станици, но сепак се уште има простор за намалување на дивиот превоз.

За законските измени со кои автобуските станици ќе треба во рок од една година по стапувањето во сила на Законот да продаваат возни билети преку електронски систем со електронско плаќање, според Јанакиески, има начелна согласност од  станиците.

- На тој начин ќе се намали гужвата во станиците. Најголем дел од нив имаат систем приближен на тоа што го бараме ние, така што нема да има големи финансиски  трошоци.Тоа драстично ќе ја подобри нивната работа и ќе овозможи граѓаните да купуваат билети по електронски пат. Туристичките агенции во рамки на својата дејност за своите клиенти може да купуваат возни билети преку електронскиот систем на автобуските станици, рече министерот за транспорт.

Сегашниот закон овозможува бесплатни билети само за лицата со 100 процентна инвалидност, а со предложените измени  границата се намалува на 90 проценти, на барање на Сојузот на  инвалидизирани лица.

Предлог-законот предвидува мерки кои се однесуваат и на подобрување на контролата во јавниот градски превоз. Доколку контролорите утврдат дека патникот нема билет за јавен превоз, ќе поднесат предлог за поведување прекршочна постапка до надлежниот инспекциски орган. Со дополнувањето на законот се предвидува дека со одлука или решение од град Скопје некои автобуски стојалишта во градот да се определуваат како попатни станици за вршење меѓуопштински превоз на патници.

Новина во законот е и тоа што се предвидува вршење општински линиски превоз на патници со тролејбус, трамвај или други видови шински возила и да може да биде предмет на концесија или јавно приватно партнерство под услови предвидени со прописот со кој се уредува постапката за доделување концесија или јавно приватно партнерство и услови утврдени од Советот на општината односно Советот на Градот Скопје.