Јанкулоска на отпочнување на електронско тестирање на теоретскиот дел од возачкиот испит во АМСМ во Тетово

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска присуствуваше на официјалното пуштање во употреба на новиот систем за полагање на теоретскиот дел од возачкиот испит во електронска форма, во Испитниот центар за полагање за возачка дозвола во Тетово.

Со новиот начин, потенцира Јанкулоска, бројот на комбинации на испитните прашања е речиси неограничен, односно има над еден милион од овие комбинации, а тоа значи дека секој кандидат полага различен тест.

- Исходот се дознава веднаш по завршувањето на испитот. Во изминатиот месец кандидатите имаа можност да се обучат за електронско полагање преку симулатор на нашата веб-страница. Се уште е рано за првите резултати, меѓутоа од информациите што ги добиваме од сите осум центри во Македонија каде што денеска започна овој начин на полагање повеќе се оние кои не го положиле отколку оние кои го положиле, што значи дека и самите авто-школи, но и кандидатите треба да посветат повеќе внимание на теоретскиот дел бидејќи нема тестови на кои одговорите треба само да се меморираат, туку секој тест е нова ситуација, изјави министерката за внатрешни работи. 

До 31 декември 2013 година Законот предвидува можност оние кои не можат или не сакаат да го полагаат електронски да може тоа да го направат во печатена верзија. Но, и во овој случај, посочи Јанкулоска, генерирањето на прашањата ќе оди на новиот начин само што тие потоа ќе бидат испечатени и кандидатот ќе ги добие во писмена форма. И во овој случај, истакна, не ќе може да има повторување на прашањата како што е и во електронската форма.

Возачкиот испит во испитниот центар во Тетово денеска го полагаа 20 кандидати, а во Гостивар уште 12 лица кои полагаа на електронски начин за возачка дозвола.