Редовна седница на Комитетот за претприемништво и иновации

С О О П Ш Т Е Н И Е

 

Во Владата на Република Македонија вчера (четврток, 1 ноември 2012 година) се одржа седница на Комитетот за претприемништво и иновации со која претседаваше претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски.

На седницата се разгледуваа детали од акцискиот план на Стратегијата за иновации на Република Македонија за периодот 2012 – 2020 година, која што беше усвоена од страна на Владата, како и анализа на резултатите на Република Македонија во Глобалниот иновациски индекс за 2012, при што се донесоа конкретни заклучоци за нивна понатамошна операционализација.

Комитетот за претприемништво и иновации ја разгледуваше и информацијата за формирање на фонд за иновации и технолошки развој, при што се заклучи во текот на ноември да се разработи финалниот концепт, а до крајот на годината до Владата да се достави и законски предлог за формирање на овој фонд кој со работа треба да започне во текот на следната година.

Воедно, на седницата на Комитетот беше разгледувана и информацијата за реализација на проектот “Македонија на Википедија” која што беше презентирана од страна на деканот на ФИНКИ проф д-р Димитар Трајанов, а која што има за цел да се зголеми бројот на статии на македонски јазик на Википедиа.