Итна медицинска помош доби 69 нови возила, најавено вработување на 80 доктори
Шеесет и девет нови врвно опремени возила за Итна медицинска помош (ИМП) марка „Рено“ кои се опремени со ЕКГ апарат, дефибрилатор, телемедицина, со надворешен пејсмејкер, респиратор и друга опрема, и кои ги задоволуваат најновите еколошки стандарди се промовирани денеска во Скопје. Станува збор за уште еден реализиран капитален проект во здравството во Македонија. На промоцијата на возилата присуствуваше премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров.
- Станува збор за набавка на 69 комплетно опремени амбулатски возила би рекол подвижни болниции и едно специјално педијатриско возило во износ од 275 милиони денари, што е околу 4,5 милиони евра. Водиме сметка сите градови да добијат по едно возило. За Скопје планираме да има минумум 10 возила. Ова е едно од ветувањата со кои излеговме пред граѓаните. Ветивме дека ќе набавиме 50 амбулатски возила за потребите на Итната медицинска помош, ние набавивме 70, изјави министерот Тодоров.
Паралелно со овој проект, посочи тој, се реализира проект за обука на докторите во ИМП, кој трае веќе две недели, ова ќе биде трета недела и ќе продолжи во наредниот период за едукација на докторите кои работат во ИМП согласно најсовремени протоколи за едукација.
- Во тек е и набавка на тетра систем на комуникација во возилата со кој ќе можат практично да имаат многу квалитетна комуникација во рамки на ИМП, но и за комуникација на ИМП со сите здравствени установи (болниците и клиниките) за да знаат каков пациент им доаѓа и можност за комуникација за време на транспортот, рече Тодоров.
Посочи дека во тек е и набавка за таблет компјутери кои ќе бидат поставени во сите амбулатни возила на кои ќе бидат поставени сите протоколи и упатства особено протоколот за ИМП со можност за гласовно пребарување за десетте најфреквентни причини за транспорт со ИМП. Тоа значи, истакна Тодоров, дека доколку докторите во ИМП имаат потреба да се осигураат за тоа што ќе го направат само со гласовно изговарање на некои од дијагнозите или повредите на пример инфаркт или трауми, ќе излезе целиот протокол на таблетот и на тој начин целото знаење во медицината докторот го има на дофат.
- Следна работа која ја правиме за ИМП е вработување на 80 доктори во сите центри на ИМП со што практично овозможуваме сериозно зголемување на целиот кадар во ИМП за над 25 проценти во однос на вкупниот број што сега сме го имале. Ова би рекол историски најголемо зголемување на бројот на доктори во ИМП во последните 20 години. Очекувам со сите овие мерки и активности кои ги спроведуваме на планот на ИМП да постигнеме многу поквалитетно нејзино функционирање, побрза реакција, побрзо пристигнување на местото на настанот и современ медицински третман, рече Тодоров.
Oдговарајќи на новинарско прашање истакна дека возилата располагаат со најсовремени системи за стабилност.
- Тоа ни беше многу битно затоа што во овие возила се постигнува голема брзина, нагли кочења, вртења итн. Возилата располагаат со јаки рефлектори кои овозможуваат силно осветлување на теренот, а тоа битно во услови на сообраќајќи на пат или на места кои се неосветлени да може докторот да го изврши првиот преглед надвор од возилото пред пациентот да биде внесен во амбулатното возило во случај да има повреди и трауми, додаде министерот Тодоров.