Амбасадорот во Атина, Стефков, го врачи писмото од МНР Попоски до неговиот грчки колега, Аврамопулос
Почитуван колега,
Би сакал да Ви се заблагодарам за Вашето писмо од 3 октомври во кое изразивте намера за квалитативно придвижување на долгогодишното прашање во односите меѓу нашите две земји.
Вашиот чекор да предложите Меморандум за разбирање го сметаме за одговор на иницијативите предложени од нашата страна. Како пример би го споменал писмото од 31 јули 2012 година упатено од Претседателот на Владата Груевски до Премиерот Самарас, во кое изнесовме низа предлози насочени кон интензивирање на нивото на соработка и јакнење на довербата меѓу нашите две земји. Верувам дека нашата заедничка цел треба да биде подобрувањето на заемната доверба, унапредувањето на добро-соседството, јакнењето на билатералната соработка и фокусирањето на заедничките вредности и визии за иднината. Ова јасно беа и принципите кои произлегуваат од сите претходни дописи кои Ви ги имаме упатувано на оваа тема.
Секако треба да се нагласи дека предложениот нацрт Меморандум за разбирање во голема мерка ги реафирмира некои од основните начела на Времената спогодба од 1995 г. чии што заложби се сеуште исклучително значајни и секако не се исцрпени. Тие вклучуваат неповредливост на посточеките граници, почитувње на суверенитетот и територијалниот интегритет, воздржување од закана за употреба или од употреба на сила, немешање во внатрешните работи на другата страна, унапредување на добро-соседските односи, како и соработка во многу значајни области.
Н.Е. г. Димитрис Л.АВРАМОПУЛОС
Министер за надворешни работи на Република Грција
А Т И Н А
Во врска со ова, би сакал уште еднаш да нагласам дека овие начела се дефинирани како основни столбови на нашиот уставен поредок и надворешната политика. Натаму, би сакал уште еднаш да ја истакнам нашата заложба за континуирано почитување на обврските кои сме ги презеле во овој контекст. Се надевам дека предложениот Меморандум за разбирање ја подразбира и вашата подготвеност исто така целосно да ги исполните сите обврски кои сте ги презеле според Времената спогодба.
Почитуван колега, целосно се согласувам со оценката дека Република Македонија и Република Грција ја имаат првенствената должност сесрдно да бидат ангажирани во долгогодишните разговори под покровителство на Генералниот секретар на Обединетите нации. Следствено, на овие разговори двете страни треба да им пријдат со добра верба и на конструктивен начин, истовремено почитувајќи ги демократските вредности и човековите права, во согласност со меѓународното право и релевантните меѓународни инструменти чии што членки се двете држави.
Верувам дека во ваков дух можеме да дојдеме до решение за разликата околу името, како што е наведено од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации во Резолуцијата бр. 817(1993). Оваа Резолуција, како и Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации 845 (1993) и Времената спогодба од 1995 г. ја поставија рамката за овој процес. Оценката и последователната одлука на највисокиот правен орган на Обединетите нации, Меѓународниот суд на правдата во Хаг, за ова прашање јасно претставува наша заедничка придобивка. Всушност, оваа пресуда на непристрасен начин се осврнува на неколку аспекти на прашањата кои се покренати во предложениот Меморандум за разбирање.
Натаму, се надевам исто така дека ќе се согласите со неодамнешната оценка на Европската комисија, според која одлуката на Европскиот совет за почеток на преговори за членство би придонела кон создавање поволни услови за изнаоѓање на решение за прашањето на името, под покровителство на Обединетите нации. Убеден сум дека во овие рамки ќе можеме да ја надминеме разликата меѓу нашите две земји и на суштински начин ќе го зајакнеме добро-соседството, начин кој ги содржи темелните вредности на европската интеграција, како што е почитувањето на националниот идентитет и културната, верската и јазичната разновидност, како и правото на самоопределување.
Драг колега, граѓаните на двете држави заслужуваат подобра иднина. Тие исто така посакуваат мир, стабилност и просперитет на нашиот регион. Европската интеграција несомнено е процес кој нуди таква перспектива. Како најстара држава-членка на ЕУ од регионот, Република Грција секако би можела да има значајна улога водејќи го напред целиот регион. Граѓаните и деловните заедници од двете страни на границата постојано градат меѓусебни мостови. Како добри соседи, треба целосно да се ангажираме во отстранување на стравувањата од било какви закани. Никој не треба да ги доведува во прашање територијалниот интегритет, политичката независност и сувереноста на двете земји. Политичките елити мора да ја искористат оваа можност нашите две држави да ги приближат повеќе од било кога. Наша желба е заеднички да зачекориме по тој пат.
Нашата цврста заложба е надминување на разликата околу името. Ова ќе биде придобивка за двете земји и за регионот во целина.
Тргнувајќи од оваа заедничка визија, ја поздравувам намерата, изразена во Вашето писмо, за решително придвижување во разговорите за разликата околу името. Имајќи го тоа предвид ја препознаваме потребата од создавање на урамнотежена и веродостојна рамка за придвижување напред, која ќе ги земе предвид ставовивте и на двете земји. Предлагам оваа задача да им ја довериме на нашите претставници во разговорите со посредство на г-дин Метју Нимиц. Воедно би ги повторил нашите искажани заложби за интензивна комуникација на дипломатско и политичко ниво. Во тој дух, би сакал повторно да Ве поканам да не посетите во најскоро време.
Со оглед на важноста на прашањето, сакам да ја нагласам потребата од целосна посветеност на обете страни. Исклучително значајно е да имаме отворена и принципиелна комуникација на највисоко политичко ниво. За таа цел ја повторувам отворената понуда на Претседателот на Владата Груевски до Премиерот Самарас за средба во било кое време и на било кое место.