Македонија идните две години ќе има поголем раст на БДП од ЕУ и Еврозоната, прогнозира ЕК
Од умерена рецесија до управувана обнова со помош на инвестиции. Вака денеска Европската комисија ја оцени македонската економија во есенскиот извештај за европската економска прогноза за 2012, 2013 и 2014 година.
По падот на Бруто-домашниот производ за 0,9 проценти во 2009 година и растот од 2,8 и 2,9 проценти во 2010 и 2011 година, за годинава Комисијата предвидува раст на македонскиот БДП за 0,8 проценти. Подобра прогноза за Македонија, Комисијата предвидува за идната година, кога се претпоставува раст од 1,7 поценти, а за 2014 година раст од 2,2 проценти.
ЕК за Еврозоната предвидува идната година да излезе од рецесија но со раст од само 0,1 процент, додека на ниво на цела Европска унија економскиот раст би требало да изнесува 0,4 отсто. Јавниот долг оваа година изнесува 93 отсто од БДП во Еврозоната и 89 отсто во целата Европска унија, додека за Македонија тој е годинава 31 процент, а во наредните две години се очекува да нарасне до 35 отсто.
- Не се очекува дефицитот да оди под три проценти пред 2014 година, со оглед на тоа што властите остануваат посветени да го исполнат нивниот неодамна ревидиран дефицит од 3,5 проценти во 2012 и 2013 година. Со оглед на владината среднорочна стратегија за зголемување на трошењето за јавни инвестиции, властите ќе мора да се задржат на политиката на содржаен трошок за јавната потрошувачка како што се платите во јавниот сектор или тековните расходи. Долгот се очекува да се зголеми уште повеќе и од годинешните 31проценти за две години да достигне до 35 отсто, наведува Комисијата во економското предвидување за Македонија.
Растот на долгот, според ЕК, се очекува да се случи поради најавените трошоци за финансирање на основни проекти, како што е планот за подобрување на транспортната инфраструктура во земјата или модернизација на подостарените енергетски капацитети.
Најголема загриженост на Комисијата во врска со нашата држава останува невработеноста, која годинава е 30,8 проценти или за 0.1 процент подобра од лани. Тие потенцираат дека 54,9 проценти од младите работоспособни лица во Македонија немаат работа, иако за две години, односно до 2014 година, Комисијата очекува невработеноста во кај нас да падне на 30 проценти.
Во Унијата, пак се очекува стапката на невработеност до 2014 година да достигне рекордни 11 проценти, додека во Еврозоната - 12 проценти.
- Во втората половина на 2012 година, економската активност се очекува да се врати на позитивен раст, дел бенефитирајќи од базниот ефект, но и поради позитивниот ефект од последните странски инвестиции. Ова би можело да го донесе годинашниот раст на позитивно ниво, иако се уште под 1 процент. Во 2013 и 2014 година, посилни инвестиции и личната потрошувачка би требало да помогнат да се стигне до повисока стапка на раст. Сето ова заедно со подинамична меѓународна средина би требало да дозволи раст на БДП на нешто помалку од два проценти во 2013 и повеќе од два проценти во 2014 година. Инфлацијата се очекува да забави во 2013 година, по високите цени во 2012 година. Трговскиот дефицит се очекува да расте. Големиот број странски инвестиции се очекува да доведат до прилично силен раст на увозот, што ќе доведе до поместување на повисокиот извоз, прогнозира ЕК за Македонија.
Растот на БДП за нашата земја е далеку подобар од поголем број членки на ЕУ. Па, така, Хрватска, која идната година станува 28-ма земја-членка на Унијата, годинава бележи минус од 1,9 отсто, идната година се очекува да биде на “нула”, додека раст од 1,4 проценти очекува дури во 2014 година. Велика Британија очекува раст од само 0,9 проценти идната година, Финска и Германија од 0,8 отсто, Франција од 0,4 отсто, Луксембург 0,7 отсто, Холандија и Унгарија од 0,3 отсто, Австрија 0,9, додека Словенија, Италија, Шпанија, Грција, Португалија дури во 2014 се очекува да излезат од рецесија, а Кипар се очекува да остане во минус уште најмалку две години.
Еврокомесарот за економска и монетарна политика, Оли Рен, преставувајќи ги есенските економски прогнози, истакна дека Европа минува низ тежок период на макроекономска рамнотежа што ќе трае уште некое време,
- Според нашите прогнози, перспективата на раст постепено ќе се подобрува од почетокот на идната година, истакна еврокомесарот за економска и монетарна политика, Оли Рен.