Mожностите на супер компјутерот на ФИНКИ претставени пред бизнис заедницата
На Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) денеска пред претставници на бизнис заедницата беа претставени можностите за користење суперкомпјутерот во индустријата и во науката.
- Идејата е преку реални примери како се користи во различни индустрии во светот да и се објасни на нашата индусустрија и на институциите за можностите кои ги нуди оваа современа технологија за промена на начинот на користење на компјутерите и за промена на начинот на кој се одвиваат бизнис процесите во компании и во институциите, изјави Димитар Трајанов, декан на ФИНКИ.
Во изработката на суперкомпјутерот, поставен во Лабораторијата за пресметување со високи перформанси, се вложени милион евра. Во неговото конструирање учествуваа тимови од ФИНКИ и компаниите Неоком и HP. Системот е оперативен, а досега претежно имаше корисници од науката.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на презентацијата истакна дека идејата на Владата со финансирање на лабораторијата е покрај науката нејзините рсурси да ги користи и приватниот сектор.
- Убеден сум дека овој суперкомпјутер повеќе ќе го користат компании кои се надвор од секторот информатички технологии и комуникации, пред се хемиската индустрија, сеизмологијата, земјоделството, медицината, како сектори на кои што им е потребен ваков суперкомпјутер за да можат да направат модели и претпоставки за нови бизнис решенија. Идејата на Владата е токму со овие лаборатории приватниот сектор да изгради нови додадени вредности во своето работење, коишто ќе бидат за потребите на граѓаните и на пазарот пошироко, рече Ивановски.
Според него, пресметувањето со високи перформанси се повеќе станува движечка сила не само на современиот научен развој и истражување, туку и на економијата во целост. Денес, покрај различните економски параметри, степенот на развој на една земја се мери и во користењето и бенефитите од пресметувањето со високи перформанси. Сите најзначајни светски економии, како што се САД, Јапонија, Европската унија и други, во своите краткорочни и среднорочни стратешки цели, на висока позиција го поставуваат користењето на пресметување со високи перформанси, укажа Ивановски.