Попоски: Има големи можности за продлабочување на соработката со Виетнам

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска во рамки на официјалната посета на Социјалистичка Република Виетнам се сретна со својот виетнамски колега Фам Бин Мин, со претседателот Трунг Тан Санг, а ја посети и Комората за трговија и индустрија каде беа презентирани можностите на македонското стопанство.

- Имавме можност директно да комуницираме за продлабочување на билатералната соработка помеѓу нашите две земји. Во фокусот на дискусиите беше економската соработка. Виетнам е брзорастечка економија и во иднина треба да бидат искористени можностите за соработка во делот на извозот на земјоделски производи - вино, тутун и останати, но и во доменот на воспоставување подобра договорна основа како во делот на заштита на инвестиции, така во избегнување двојни оданочувања и овозможување подобра рамка и директни контакти меѓу бизнис-заедниците, изјави министерот Попоски.

Тој додаде дека со своите домаќини, со кои имал средби во рамки на оваа прва посета на Виетнам на високо ниво, се обврзале дека ќе биде овозможена подобра рамка за директни контакти и оти во иднина ќе ја продлабочуваат соработката и на културно и на образовно поле.

- Фактот што  веќе имаме виетнамски студенти кои имаат студирано во Македонија е добра основа. Сметаме дека во иднина ќе можеме тоа дополнително да го продлабочиме, рече шефот на македонската дипломатија.

Тој информира дека македонската делегација ги презентирала можностите што ги нуди Македонија за создавање и развивање бизнис активности.

-Се надеваме дека оваа посета ќе биде добра основа за зголемена комуникација помеѓу двете земји и отворање на вратите на бизнис -заедници од двете страни, додаде министерот Попоски.