Се продолжува рокот за неоданочување на приходите од каматите на штедните влогови
Се продолжува рокот за неоданочување на приходите на камата на штедните влогови. Владата усвои измени на Законот за персонален данок со кој рокот се продолжува до влезот на Македонија во Европската унија, наместо како што беше предвидено од почетокот на 2013 година.
Ова го соопшти вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакнувајќи дека таа е исклучително позитивна мерка со тоа ќе се придонесе да се поттикне и да се задржи позитивниот тренд кај штедењето, но ќе значи обезбедување свеж капитал за стопанството.
- Мерката ќе има придобивки за вкупната економија и придобивки за банките односно ја обездува стабилната депозитна база на банките од која тие ги финансираат стопанските субјекти. За граѓаните е позитивна мерка, бидејќи целиот приход што го добиваат од камати им останува на нив и не треба да плаќаат данок, а е позитивна за стопанството бидејќи истовремено на нивните депозити нема да се плаќа данок, а истовремено ќе има поголем депозитивен потенцијал што ќе овозможи полесно да се добијат кредити, рече министерот на денешната прес-конференција.
Според него, ова е една мерка што вкупно е позитивна од сите аспекти на економијата, иако на некој начин буџетот останува без еден потенцијален приход, кој според одредена проценка изнесува околу 20 милиони евра. - Со неа, појасни министерот, Владата практично повторно се откажува од потенцијален приход. Во европските земји е практика да се оданочуваат тие приходи и тоа би значело регуларен приход за буџетот, но како и низа други мерки што претходно беа донесени Владата одлучи од дел од овие приходи да се откаже да не ги добие средствата во корист на македонската економија, граѓаните, банките и пред се фирмите кои се многукратно покорисни и поважни ефекти.
Вкупните депозити во Македонија, како што рече министерот изнесуваат 238 милијарди денари од кои 71 процент, односно 171 милијарда денари се штедни влогови на населението каде имаме пораст од 9 проценти во однос на септември 2011, а кај вкупните депозити порастот е 5,7 проценти. Според него со мерките што ги презема се насојува да се задржи добриот позитивен тренд кај штедењето.
-Во Република Македонија имаше позитивни трендови во однос на штедењето. Во текот на сите изминати години, иако беше криза во Европа во Македонија штедењето имаше пораст, кој не е случаен бидејќи уште во 2007 и 2008 година кога стапките на штедење беа високи и кои беа над 30 проценти пораст на штедењето, заради кризата беше тоа загрозено и Владата и тогаш интервенираше со мерки како зголемување на осигурените штедни влогови што помогна за порастот на штедењето да продолжи и во периодот на криза. Сега Владата повторно интервенира со ваква мерка ги ослободува од данок каматите на штедни влогови што ќе овозможи тој позитивен тренд на пораст да продолжи и во текот на идните години, истакна министерот Ставрески.