Владин тим предводен од премиерот Груевски ги презентираше поволностите за инвестирање во Македонија на бизнис форум во Будимпешта
Владина делегација предводена од претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, а во чиј состав се и министерот за привлекување на странски инвестиции, г-дин Бил Павлески и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, г-дин Кристијан Делев, денеска (вторник, 13.11.2012 година), присуствуваше и се обрати на бизнис форум во Будимпешта, Република Унгарија.
Бизнис форумот се организираше во соработка со Комората на меѓународни компании, а владините претставници пред повеќе од 70 претставници на крупни мултинационални компании кои имаат инвестиции во Унгарија ги претставија поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори за отворање и реализација на бизнис.
Во своето обраќање, премиерот Груевски акцентираше дека Република Македонија, нуди најниски трошоци за отворање и водење бизнис во Европа. Осврнувајќи се на поволниот даночен пакет премиерот Груевски ги истакна реформите во оваа област. “Воведовме низок, рамен данок од 10% за персоналниот доход и корпорациската добивка, ја ослободивме од оданочување задржаната добивка и етапно ги намалуваме социјалните придонеси за една третина. Во Извештајот за „Плаќањето даноци во 2012 година“ на Прајсвотерхаус Куперс, Република Македонија котира на четвртата позиција од аспект на поволниот даночен третман на бизнисот”, рече премиерот Груевски во своето обраќање.
Тој истакна и други реформи кои овозможуваат добар амбиент за водење бизнис. “За намалување на административниот и регулаторниот товар за водење бизнис, беше спроведен проектот регулаторна гилотина, со кој се поедноставија дел од прописите и се укинаа несуштинските обврски за бизнисите. Воведовме едношалтерски систем во царината и даночната администрација, донесовме мерки во делот на управувањето со градежното земјиште, со што е поедноставена постапката за градење, намалени се комуналните трошоци, воведовме субвенции за тур-операторите, како и други реформи кои позитивно влијаат врз бизнис климата во Република Македонија”, подвлече претседателот на Владата Груевски во своето обраќање.
Премиерот посебно ги потенцираше можностите кои им стојат на располагање на странските инвеститори во технолошко- индустриските развојни зони. “Успеавме да привлечеме познати странски компании во технолошко-индустриската развојна зона во Скопје. Основани се уште три зони од кои едната во Штип, Тетово и уште една во Скопје, кои нудат низа поволности: ослободување од данок на добивка и данокот на доход во првите 10 години; даночно ослободување на реинвестираната добивка и ослободување од административни такси. Владата дава и до 500 илјади евра за израмнување на земјиштето, кое се дава под закуп под поволни услови за период до 99 години и обезбедени инфраструктурни погодности, како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување”, истакна Премиерот пред претставниците на странските инвеститори.
Премиерот Груевски зборуваше и за стабилните макроекономски индикатори, ниското ниво на надворешен долг на земјата, инвестициите во образованието кои изнесуваат 6% од бруто домашниот производ, квалификуваната работна сила, и договорите за слободна трговија кои на нашата земја и овозможуваат пристап до пазар од над 650 милиони потрошувачи.
Министерот Бил Павлески во своето излагање пред присутните се задржа на поволностите и условите за водење бизнис кои нашата земја им ги нуди на претставниците на автомобилската индустрија. Тој се осврна и на можностите за инвестиции во туристичката дејност, и атрактивните опции за инвестиции кои ги нудат туристичките развојни зони, како и мерките и активностите кои Владата ги реализира за развој на туризмот што доведуваат до постојан раст на оваа дејност во изминатите години.
Заменик директорот Кристијан Делев ги претстави можностите за инвестиции во изградба на недвижности, а специјален осврт на неговото излагање беше ставен на можноста за инвестиции во земјоделството и во преработувачката индустрија.
Владината делегација утре ќе престојува во Будимпешта, каде што премиерот Никола Груевски ќе оствари средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан.