Попоски: Голем интерeс во Индонезија за можностите за инвестирање во Македонија

Индонезиска бизнис делегација наскоро ќе дојде во Македонија да ги истражи можностите за инвестирање, а ќе бидат склучени и повеќе билатерални договори со кои треба да се интензивира севкупната соработка меѓу двете земји, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Попоски по денешните средби во Џакарта со министерот за надворешни работи на Индонезија Марти Наталегава, со министрите за економија и за трговија, Хасан Вираџуда и Хата Раџаса, и со челниците на индонезиската Стопанска комора.

- Денешните средби донесоа нови елементи околу потенцијалот за развој на нашите односи. Во моментов трговската размена е релативно ограничена, некои стотина милиони долари на годишно ниво, но само во еден правец. Разговаравме за можноста да се избалансира оваа размена, односно да го отвориме индонезискиот пазар за македонски производи и воедно да ги изнесеме можностите за инвестирање во Македонија. Тоа што го добивме од овој прв контакт и прва посета на министерско ниво во Индонезија е дека ќе имаме бизнис-делегација која ќе ја посети Македонија и дека постои огромен интерес за истражување на можностите. Се работи за еден огромен пазар, 250 милиони луѓе кој е отворен и во кој има голем потенцијал за натамошен развој, истакна Попоски.

Со разговорите во Џакарта и со начелните договори да се склучат широка лепеза билатерални договори од доменот на економијата, но исто така и во образованието и културата, според Попоски, може да се очекува зголемена динамика во односите меѓу Македонија и Индонезија.

На средбите што ги имал станало збор и за активностите кои Индонезија ги презема во рамки на групацијата АСЕАН чие седиште се наоѓа во Џакарта, како и за можностите за присуство на македонски компании на овој 600-милионски пазар.