Конференција за професионалната рехабилитација на лицата со инвалидност и лицата со намалена работна способност
Како и со какви мерки можат да се мотивираат работодавачите и работниците со намалена работоспособност преку прекфалификации и доквалификации да останат вклучени во работниот процес се прашањата на кои денеска дискутираа учесниците на конференцијата на тема „Професионалната рехабилитација на лицата со инвалидност и лицата со намалена работна способност“.
На конференцијата, организирана од Министерството за труд и социјална политика и Федералното министерството за труд, социјални прашања и заштита на потрошувачите на Австрија, беа презентирани европските и австриските искуства на ова поле.
- Ова е добра можност да се видат другите искуства, бидејќи во Македонија е мал процентот на професионална рехабилитација на лицата кои имаат намалена професионална работоспособност и аплицираат за остварување на право на инвалидска пензија. И сега има стимулациски мерки, но реално тие многу малку се користат, истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Додаде дека една од мерките предвидува во ситуација на конкретна повреда на работно место Фондот за ПИОМ цела година да му исплаќа плата на работникот, односно на соодветниот работодавач за да го стимулира да го прекфалификува за да продолжи да работи на други работни позиции.
- Оваа можност не се користи. Многу од граѓаните одлучуваат предвреме да се пензионираат, а работодавачите не прават обид да ги прекфалификуваат. Нашата цел е со дополнителни мерки и искуства да се мотивира вклучувањето на работникот кој има намалена работна способност во работниот процес, рече Ристовски.
Тој посочува дека прашањето на инвалидност е прашање на право, а не прашање на проценка. Во пензиското и инвалидското осигурување, рече, инвалидноста и правата кои произлегуваат од оваа категорија имаат особено значење бидејќи овозможуваат работникот да остане и натаму работно ангажиран согласно неговите намалени способности.
- Ова е регулирано со Законот за пезниско и инвалидско осигурување со кој се овозможува право на работникот да работи со скратени работно време на истата работа, право на промена на работното место и право на професионална рехабилитација, рече министерот за труд и социјална политика.
Во Македонија околу 16 проценти од вкупниот број на корисници на пезнија се инвалидски, односно такви пензии користат околу 40 до 45 илјади лица. Годишно има околу 5.000 барања за инвалидски пензии.
Претставникот на австриското федерално министерство за труд, социјални прашања и заштита на потрошувачите Геро Стулер истакна оти Австрија има големо и добро искуство на ова поле.
- Со мерките што ги преземавме на полето на професионалната рехабилитација со кои успеавме драстично да го намалиме бројот на предвремени пензионирања и да извршиме позитивно влијание на пазарот на трудот, така што лицата се повеќе присутни на тој пазар и се посреќни и поисполнети, истакна тој.
Додаде дека таа бројка успеале да ја намалат за девет проценти во една година што, како што истакна е голем успех.