Во Охрид меѓународен семинар за вработување според заслуги и правична застапеност

Во организација на Министерството за информатичко општество и администрација, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и заедничката иницијатива на Организацијата за економска соработка и развој и Европската унија „СИГМА“, во Охрид се одржува дводневен меѓународниот семинар „Вработувањето според заслуги и правична застапеност“.

Како што појасни министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, на собирот во Охрид се дискутираат искуствата и позитивните примери како во развиените општества и меѓународни организации се регулирани процедурите на вработување лица во државните институции преку системот на заслуги и вработување на припадници на помалите етнички заедници.

- Тука во Охрид имавме можност да ги чуеме практиките на Белгија, Канада, Ирска, ЕУ при вработување лица за потребите на администрацијата, со што добиваме појасна слика што имаат направено развиените земји. Тие примери се добредојдени како помош во изработката на новиот закон за администрација, за да можеме да донесеме појасна легислатива што ќе помогне системот на вработување во Република Македонија да биде според заслуги, истакна министерот Ивановски.

Тој додаде дека во Министерството за информатичко општество и администрација веќе подолго време се работи за реализација на таквите позитивни практики и искуства на развиените општества.

- Дел од тие измени веќе се применети во постоечкиот систем, каде само најдобрите петмина на тестовите ќе добијат можност за интервју со одговорните на институцијата каде треба да бидат вработени. Но, ние предлагаме и дополнителни механизми преку кои за секоја позиција ќе има јасно утврдени параметри со цел јасно да се знае кои се потребните особености што кандидатот мора да ги поседува за да може да аплицира за односната работна позиција, појасни Ивановски.

Тука како пример тој ја посочи мобилноста, како практика воведена во Република Македонија во 2010 година.

- Во која било земја на ЕУ кога се вработува лице во администрацијата, тоа значи дека истото е вработено од државата, а приоритет на државата е мобилноста така што лицето може да биде распределено на друго работно место, зависно потребите на државата или институцијата. Независно критиките, можеме да видиме дека таа мобилност успешно функционира и голем број вработени во администрацијата им е овозможено да работат во други институции каде можат да ги потврдат своите квалитети, односно нивните капацитети стекнати со образованието, заклучи министерот Ивановски.

Меѓу другото, додаде дека со последните измени на електронскиот систем за тестирање при вработување, се елиминираат негативните искуства и појавите на непотизам односно политичка припадност при аплицирањето односно изборот на кандидат за определено работно место.

-Навистина само најкомпетентните ќе можат да ги положат тестовите. Голема улога тука има просекот на нивното образование, а само најдобрите пет одат на интервју. Со примерите што ги предлагаме во новиот закон за администрација, тие мерки ќе бидат уште поригорозни. За која било позиција и работно место на интервју ќе одат само најдобрите кандидати. Од она што се размислува е изборот на најсоодветниот кандидат да го избира комисија, токму преку системот стопроцентна заслуга, појасни министерот за информатичко општество и администрациј Иво Ивановски.