Пуштен во употреба новиот Дом на култура во општина Илинден

Премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и градоначалникот на општина Илинден Жика Стојановски денеска официјално го пуштија во употреба новиот Дом на културата „Илинден“ во населбата Илинден.

Новиот дом на култура е со површина од 900 метри квадратни и располага  со галерија за ликовни изложби, сала за приеми и одржување на свечени настани, сала за кинопроекции, театарски претстави и фолклорни манифестации, општинска библиотека, конфернциска сала, сала за венчавки и информатичко-комуникациски центар, како и простор за здруженија и невладини организации.

Инвестицијата е вредна 500 илјади евра од кои 200 илјади евра се обезбедени од наградата што ја освои општина Илинден за локален економски развој во рамките на Проектот „Општински награди“, финансиран од Европската унија, а останатите 300 илјади евра се од општинскиот буџет и од поддршката на Владата на Република Македонија.

- Одлично се чувствувам кога сум пристутен во општини кои знаат што сакаат, знаат да работат и постојано имаат нови проекти, кои не чекаат само помош од Владата и сами грабат напред и знаат да ги искористат позитивностите што ги имаат. Токму таква е и општина Илинден, порача премиерот Груевски во поздравниот говор на отворањето на Домот на културата „Илинден“.

Постојано, нагласи, слушам за реализирани проекти во општина Илинден, девет локални економски зони, нови инвеститори, нови населби за домување,....

- Денешниот настан е уште еден доказ дека општината се движи во одлична насока и со одлично темпо. Овј дом на културата во Илинден е седми по ред што се реализира од страна на општината во рамките на проектот „Реконструкција и изградба на 10 домови на културата“. Станува збор за новоизграден објект со помош на ЕУ, Владата и огромно учество на самата општина, рече премиерот Груевски.

Додаде дека по кратко време откако во февруари минатата година е ставен камен-темелникот, општината целосно ја завршила новата зграда на домот на културата.

- Домот на културата „Илинден“ претставува  закоружување на она што го работевме во изминатите четири години, рече градоначалникот Стојановски.

Тој се заблагодари за несебичната поддршка од премиерот Груевски и Владата на Република Македонија во реализацијата на бројните проекти во општина Илинден кои, како што рече, континуирано овозможуваат создавање услови за развој и самоодржливост на општината.