Средба на премиерот Груевски со лидерот на ДУИ Ахмети

 

С О О П Ш Т Е Н И Е

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со коалицискиот партнер, претседателот на Демократската унија за интеграција, г-дин Али Ахмети.

Станува збор за редовна средба на која беа дискутирани прашања од заеднички интерес и беа разменети информации и мислења во врска со првите 100 дена од изборот на новата Влада.

Притоа, двајцата соговорници изразија задоволство од досега сработените активности на Владата што претставува добра основа за успешно продолжување на мандатот согласно утврдените приоритети.

Економијата останува приоритет на Владата во наредниот период и тоа во делот на привлекувањето странски инвестиции и зголемувањето на вработеноста, а фокус ќе се стави и на реформите во образованието, судството, јавната администрација, здравството и земјоделството.

Двајцата соговорници заклучија дека Владата на Република Македонија останува силно посветена на спроведувањето на европската и евроатлантската агенда во насока на што е можно побрзо интегрирање во НАТО и ЕУ.