Миистерот Димовски му го предаде мандатот претседавач на SWG на косовскиот колега
Македонското земјоделство прв пат има јасно дефинирана петгодишна Национална програма за развој според која Владата издвои 700 милиони евра за периодот 2015-2017. Ова ја потврдува силната аграрна поддршка што се спроведува преку директното субвенционирање и постепеното креирање услови согласно добрата земјоделска и хигиенска практика, рече ресорниот министер Љупчо Димовски на денешниот традиционален годишен работен состанок на министрите за земјоделство на Југоисточна Европа во Приштина.
Активностите, нагласи, ќе бидат пред се насочени кон реализирање инфраструктурни проекти, за наводнување и одводнување, за локални патишта, обнвување на селата, зелените површини и парковите во руралните средини, заштита на културното наследство, младински и пензионерски центри...
- Документот во целост се совпаѓа со еден од заклучоците на Охридската агенда 2012 кој вели дека на владите особено им се препорачува да избегнуваат воведување нови мерки во нивната земјоделска политика што не се во согласност со политиките на Светската трговска организација и на ЕУ, како и да ги напуштаат мерките кои даваат краткорочни ефекти и политики кои не се усогласени со европските политики. Наместо тоа, земјите од ЈИЕ да се фокусираат на развојни земјоделски политики, да обезбедуваат раст и развој на руралните средини, истакна Димовски.
Друг важен документ подготвен од Министерството за земјоделство, рече, е Повеќегодишната национална стратегија за мониторинг и подобрување на квалитетот на млекото 2013-2020, чија цел е зголемување на конкурентноста на секторот млекарство на националните и меѓународните пазари.
- Годинава ја изработивме Национална стратегија за консолидација на земјоделското земјиштето 2012-2020 година со Оперативен план, чија основна цел е ублажување до постепено надминување на неповолната структура на земјоделското земјиште како основен ресурс за економските активности во руралните средини. Сите овие документи и стратегии се основа за новата национална стратегија за земјоделство и рурален развој 2013-2020 што почнавме да ја изработуваме, а која од друга страна, ќе служи како основа за изработка на идната ИПАРД програма 2014-2020, потенцира министерот.
Според него, Македонија вложува голем напор за што поголемо искористување на ИПАРД средствата. Се планира зголемување на бројот мерки во насока на инвестиции во обуки во земјоделството, заштитата на животната средина и автохтоните сорти.
- Имплементацијата на ИПАРД е голем предизвик, не само за институциите, туку и за приватниот сектор. Со измени на Законот за земјоделство и рурален развој создадовме правна основа за градење нови објекти и легализација на постоечките со цел разрешување на проблемите околу сопственоста, како еден од главните предуслови за понатамошни инвестиции и развој. Предложивме и повеќе значајни модификации на ИПАРД програмата за да се прошират можностите за инвестирање,главно во земјоделска механизација, подигање на нови сточни фарми, стакленици и нови инвестиции со цел за зголемување на сместувачките капацитети во руралните средини, рече Димовски.
Тој му го предаде мандатот претседавач на Постојаната работна група за регионален рурален развој на ЈИЕ (SWG) на косовското Министерство за земјоделство, шумарство и рурален развој.
Измината година, рече, беше полна со неприлики кои влијаеја врз земјоделството, пролетните поплави, летните и есенските суши, намалувањето на приносите жито и сточна храна, шумските пожари, високите цени на храната... Но, од друга страна, беше и година на успеси во други делови на секторот. Македонија имаше одлично производство на грозје и вино, раноградинарство и јагнешкото месо.