Прва регионална мобилна апликација за намалување на ризици од несреќи и катастрофи

Македонија е првата земја во регионот која доби мобилна апликација за намалување на ризици од катастрофи и кризи. Преку неа граѓаните ќе можат навремено и редовно да се информираат за појавата на природни несреќи и катастрофи, како што се пожари, поплави, земјотреси и други елементарни непогоди, со што ќе се подигне нивото на безбедност во општеството.

„Ги охрабруваме граѓаните и пред се приватниот сектор да ја користат оваа апликација како алатка, со цел да можат редовно да се информираат за одредени кризни состојби. Исто така, истите можат редовно да ја посетуваат веб страната opendata.mioa.gov.mk, преку која ќе се информираат и ќе ги искористат податоците кои им се потребни од различни општествени сфери. Тоа е уште еден доказ дека Владата на Република Македонија, активно и посветено работи на проектот за Отворено владино партнерство.„- рече во своето обраќање министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Тој додаде дека новата апликација, која е изработена од најистакнатите студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) и УНДП, а во соработка со Центарот за управување со кризи, ќе понуди отворени податоци кои во иднина ќе можат да бидат користени и од јавниот сектор (транспорт, услуги, финансии, осигурување и др.). Тоа ќе придонесе за креирање нови апликации, со кои ќе се обезбеди адекватно планирање, менаџирање на ресурси.

Заменикот на постојаниот претставник на УНДП, Алесандро Фракасети, од своја страна истакна дека овој проект беше избран во натпреварувачка конкуренција со други слични проекти во Европа, а токму неговата инвентивност и креативност беа пресудни при изборот и поддршката.

„Центарот за управување со кризи ќе ги обезбеди и ажурира податоците на апликацијата, кои треба да бидат точни, прецизни и од полза за граѓаните. Пристапот до навремени податоци може да спречи човечки жртви и предизвикување големи материјални штети. Тоа е основен дел на одржливиот развој.„- рече Фракасети.

Инаку, мобилната апликација е составена од два модула: серверски дел, каде одговорниот од Центарот за управување со кризи ќе може да внесува податоци за кризните настани и вториот дел е самата апликација, за која постојат три верзии (Андроид, iPhone Windows) на македонски, албански и англиски јазик.

На промоцијата на мобилната апликација за намалување на ризици од катастрофи и кризи присутни беа и деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, д-р Димитар Трајанов и заменик директорот на Центарот за управување со кризи, Мутахир Максуд.