Вицепремиерите Ставрески и Пешевски засадија дрвца на локалитетот Мршевци
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски денеска по повод акцијата „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“ засадија дрвца на локалитетот Мршевци во населбата Илинден.
- Како и илјадници македонски граѓани и јас со мојата ќерка денеска сум тука да го направиме она што треба, а тоа е да засадиме дрвце и да помогнеме Македонија да изгледа поубаво, поздраво за сите идни генерации. Садењето дрва стана традиција по која што Македонија е препознатлива не само во регионот, туку и во Европа, изјави вицепремиерот Ставрески.
Тој изрази задоволство што акцијата успева со години и надеж дека таа ќе продолжи и во иднина.
Според вицепремиерот Пешевски, самото име на акцијата ја содржи синтагмата „Засади ја својата иднина“ и целта е да се вгради еден нов дух меѓу народот дека треба да се размислува за иднината.
- Целта е да се вгради еден нов дух меѓу нашиот народ дека треба да се размислува долгорочно за нашата иднина и во таа смисла оваа акција добива на значење. Се надевам дека независно од тоа што Владата го организира, сепак луѓето ќе разберат дека чувањето на државата и на нашата природа е во интерес на сите нас. Ова е само еден наш мал и скромен придонес денеска, изјави Пешевски.