Надградени „семафорите“ за оценка на работата на администрацијата
Во Централниот регистар од денеска функционираат надградени верзии на уредите за оценување на работата на администрацијата популарно познати како „семафори“. Новите уреди работат со сензори на допир, имаат и звучен и светлосен сигнал при притискање на црвеното, жолтото и зеленото копче за оценка. Содржат и сим картичка и батерии за алтернативно функционирање.
Оценки за работатата на администрацијата граѓаните можат да изнесат и преку новата веб страница sеmefor.mioa.gov.mк., што за таа намена ја постави Министерството за информатичко општество и администрација. Овозможено е внесување на архивскиот број на предметот и на институцијата и одделението каде е побара услуга.
Надградбата на системот уследи по поплаките од граѓаните за првите уреди што беа инсталирани во повеќе државни институции. Администрацијата не им дозволувала да гласаат или пак ги информирала дека уредот на којшто гласаат нема да им го регистрира гласот затоа што нема звучен сигнал или нема сијалички.
- Уредот никогаш не бил дизајниран така, но по препораките на граѓаните системот го надградивме и тој сега работи на сензор на допир, што значи дека не може да се извадат копчињата или да се расипат, има звучен сигнал, лед диода и сим картичка со која се овозможува после секое гласање секој глас да се испраќа до администраторот во централната на институцијата. Содржи и батерија со којашто доколку се исклучи од напојувањето ќе функционира подолго време, но во ист момент испраќа сигнал до администраторот доколку има некаков дефект, изјави министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Тој очекува со надградбата граѓаните уште повеќе да ги користат уредите, а идејата на МИОА е да постави на сите 1.200 шалтери Надградбата и новата веб страница овозможува оценка и за целиот тим што работи на предметите. Тоа ќе биде дел и од новиот закон за администрацаија, со што, според Ивановски, оценувањето на вработените во администрацијата ќе добие многу пообјективен фактор, а не само субјективен што зависи од раководителот на одделението.
Според Ивановски, од оценките за институциите што беа опфатени во правата фаза, над 80 проценти од граѓаните се задоволни од услугите што ги одбиваат. Направена е дополнителна анализа за да се утврди на што се должи незадоволството на останатиот процент и е утврдено дека мал процент од граѓаните не се задоволни кога не може да добијат право што го бараат бидејќи не е законско, но од друга страна има и такви цво администрацијата што не се коректни, не се однесуават како што треба со граѓаните, не се услужно ориентирани.
- Таа информација е доставена до сите менаџери на институциите за да при следното оценување ги имаат предвид и забелешките од граѓаните, рече Ивановски.
Во првата фаза од надградбата на проектот се инсталирани 106 уреди, во Агенцијата за вработување во Скопје, во одделенијата на фондовите за здравство во Битола, во Охрид и во Штип, канцелариите на агенцијата за катастар на недвижност во Битола, во Охрид, во Штип, во секторот за патен сообраќај на Министерството за транспорт и врски, во Централен регистар на Македонија и во Клиничкиот центар во Битола.