Попоски: Македонија во декември очекува одлука за почеток на преговорите со ЕУ
Почетокот на пристапните преговори на ЕУ со Македонија во контекст на повторената препорака на Европската комисија, а во пресрет на декемвриските состаноци на Советот на ЕУ и на Европскиот совет, биле во фокусот на средбата на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски и министерката за надворешни работи на Кипар Ерато Козаку – Маркулис, која денеска престојува во Скопје во својство на актуелен претседавач со Унијата.
По средбата во МНР, Попоски изјави дека разговарале за повеќе теми од регионално значење, како и за важноста на следниот Совет на Европската унија и одлуките кои треба да се носат во правец на проширувањето.
- Значајно е да ја здржиме онаа динамика која што е определена со правилата од Европската унија за пристапување. Ги потенциравме остварувањата во реформите, сите оние реформи што ги имаме остварено и фактот што Европската комисија ни даде четврта најсилна досега препорака за отпочнување на преговорите, нагласи Попоси и додаде оти е потврдена и посветеноста на Македонија да продолжи во тој правец и оти се надева оти тоа ќе биде значајно за целата Европска унија.
Козаку-Маркулис кусо изјави дека е во Скопје како претседавач со Европската унија и оти разговорите со Попоски ќе ги продолжат за време на работниот ручек.
- Во посета сум на сите земји-кандидати и секако нема да ја пропуштам можноста да дојдам и овде, рече шефицата на кипарската дипломатија.
Во соопштението, пак, што го издаде МНР се вели дека Попоски на средбата ја повторил целосната подговеност на Македонија да премине во следната фаза од пристапниот процес во согласност со констатацијата на ЕК дека почетокот на преговорите е неопходен, како за натамошното консолидирање на реформскиот процес и зајакнувањето на меѓуетничката кохезија, така и за зачувување на кредибилитетот на Унијата и на нејзината политика на проширување кон Балканот. Го истакнал очекувањето дека и земјите-членки во Советот на ЕУ ќе се раководат од овие аргументи, од заедничкиот европски интерес, и во декември оваа година ќе ја донесат одлуката за почеток на преговори со Македонија. Според Попоски, развивањето на добрососедски односи и регионална соработка не е прашање на избор, туку е неопходност во современи услови и токму затоа Македонија ќе продолжи да настапува проактивно кон сите свои соседи и со добра волја да иницира конкретни проекти за меѓусебно поврзување.
Попоски ја нагласил подготвеноста на Македонија за интензивирање на разговорите за името под покровителство на Обединетите нации и за доаѓање до решение кое ќе ги почитува меѓународното право, демократските принципи и човековите права.
Министерката Козаку – Маркулис ја реафирмирала заложбата на Кипарското претседателство за динамизирање на процесот на проширување и напредок на земјите-кандидати кон членство во ЕУ, врз основа на исполнување на поставените критериуми. Ја нагласила важноста на добрососедските односи како една од темелните вредности на европската интеграција.
На средбата станало збор и за актуелните случувања на Балканот и за регионалната соработка, а министерот Попоски информирал за активностите во поврзани со Македонското претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Козаку-Маркулис денеска во Скопје треба да се сретне и со македонскиот претседател Ѓорге Иванов и со вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи.