Кузаку-Маркулис најави максимални напори за задржување на позитивна атмосфера во процесот на проширување
Mинистерката за надворешни работи на Кипар Ерато Козаку – Маркулис, која денеска престојува во Скопје во својство на актуелен претседавач со Унијата, попладнево се сретна со вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи.
Според соопштението од СЕП, министерката Кузаку-Маркулис истакнала дека средбата се случува во многу важен момент односно непосредно пред Самитот на ЕУ закажан за декември оваа година. Во тој контекст, Кузаку-Маркулис нагласила дека како претседавач на Советот на ЕУ ќе вложи максимални напори за задржување на позитивна атмосфера во однос на процесот на проширување, се вели во соопштението.
Козаку-Маркулис, која немаше официјални изјави за медиумите, по средбата со Арифи кусо одговори дека разговорите биле многу добри и оти ќе продолжат.
Вицепремиерката Арифи информираше дека се разговарало за дијалогот на високо ниво, за последниот Извештај, активностите кои ги превземаме да ги адресираме прашањата од дијалогот на високо ниво...
- Беше еден конструктивен рагзовор. Секако дека побаравме поддршка за Самитот во декември. Имаме значи добри заклучоци кои апсолутно ќе ни го поддржуваат процесот за членство во Европската унија, изјави вицепремиерката. Не кажа што одговорила кипарската министерка на побараната поддршка од македонска страна. - Тоа ќе го видиме на Самитот. Да не прејудицираме, рече Арифи.
На средбата, според соопштението од СЕП, соговорниците се согласиле дека во Извештајот е нотиран значаен напредок во многу клучни области кој е резултат на посветеноста на земјата и институциите како и на динамиката која произлезе од Пристапниот дијалог на високо ниво.
Вицепремиерот Арифи информира и за тековните активности кои се преземаат во нашата земја во однос на реформите од европската агенда. Арифи посочи дека Владата усвои и Акциски план со кој се адресираат препораките нотирани во Извештајот за напредокот на Македонија и се предвидуваат мерки и активности за адресирање на оние области во кои се потребни дополнителни реформи, се вели во соопштението.
Претходно кипарската министерка имаше средба и претседателот Ѓорге Иванов и со шефот на дипломатијата Никола Поповски. Во фокусот на средбите бил почетокот на пристапните пристапните преговори на ЕУ со Македонија во контекст на повторената препорака на Европската комисија, а во пресрет на декемвриските состаноци на Советот на ЕУ и на Европскиот совет.
Министерката Козаку-Маркулис, како претседавачот со ЕУ, со посетата на Македонија ја заокружи својата балканска турнеа.