Средба на министерот за надворешни работи, Никола Попоски со комесарот за внатрешни работи на Европската комисија, Сесилија Малмстром
Попладнево во Брисел, министерот за надворешни работи Никола Попоски оствари средба со комесарката за внатрешни работи, Сесилија Малмстром.
Осврнувајќи се на актуелниот момент, министерот Попоски се заблагодари за проактивниот пристап на Европската комисија за ефектуирање на почетокот на пристапните преговори со Република Македонија на претстојниот состанок на Европскиот Совет. Македонија е темелно подготвена за почеток на пристапните преговори и скрининг процесот, особено во поглавјата 23 – правосудство и фундаментални права, и 24 – правда, слобода и безбедност, кои согласно новиот пристап во проширувањето на Унијата ќе бидат во центарот на вниманието за целото времетраење на преговарачкиот процес. Во поглавјето 24, кое е во директна надлежност на комесарката Малмстром, Македонија редовно остварува висок степен на усогласеност, кој беше потврден и со последниот годишен извештај на Европската комисија. Попоски пренесе дека по извршената длабинска анализа на усогласеноста на законодавството во ова поглавје, констатирано е дека нашето законодавство е во голема мера усогласено со она на ЕУ, а не се очекуваат поголеми тешкотии и во процесот на натамошно усогласување.
По однос на визната либерализација взаемно се потврди дека истата несомнено претставува огромен успех и конкретна придобивка за македонските граѓани кои во огромно мнозинство доследно ги почитуваат правилата за безвизно патување. Владата на Република Македонија ја споделува загриженоста од повторниот пораст на лажните баратели на азил во одредени земји членки на ЕУ и Шенгенскиот договор, укажа министерот Попоски и увери дека кон проблемот се пристапува со крајна сериозност и итност. Воедно го презентираше интензивирањето на мерките за сузбивање на појавата преку кампањите за подигнување на јавната свест, социо-економските мерки за подобрување на животните услови на најранливите слоеви од населението, зајакнатите контроли на граничните премини и блиската соработка со земјите членки.
Комесарката Малмстром ги поздрави напорите на Македонија во пристапниот процес и изрази искрена надеж за скорешен почеток на преговорите. Потврди дека Македонија континуирано напредува во подготовката за преземање на обврските од членството во ЕУ во поглавјето правда, слобода и безбедност. Во таа насока ја повтори подготвеноста за зајакнување на соработката и дијалогот на генералниот директорат за внатрешни работи со надлежните служби во Македонија, кои со започнувањето на преговорите и скрининг процесот ќе бидат во интензивна дневна комуникација. Искажа високо уважување за проактивниот пристап на македонските надлежни органи во спроведувањето на сеопфатни мерки против појавата на баратели на азил. Препорача напорите да продолжат со несмален интензитет, особено оние од социо-еконосмки аспект.