Објавена првата Туристичка риболовна карта на Република Македонија
Здружението на рекреативни риболовци спортски клуб „Свети Апостол Петар“ од Охрид го издаде првото издание на Туристичката риболовна карта на Република Македонија.
Станува збор за прва риболовна карта на Република Македонија во која се претставени сите риболовни ревири, рекреативните зони - акумулации и природни езера, во нивните граници. Во каратата се претставени сите риболовни води и нивните концесионери, сместувачки и угостителски објекти во близина на риболовните води, продавниците за риболовен прибор, дозволените големини на рибите што смеат да се ловат, календарот со забраните за риболов, фотографии на рибите што ги има во Македонија и нивната застапеност по риболовни ревири и зони.
Изданието, што се реализира со поддршка на Владата, е отпечатено во две илјади примероци, по илјада на македоски и на англиски јазик.
Издавањето на Картата има за цел информирање на рекреативните и спортските риболовци од Македонија и од другите земји за риболовната понуда на Македонија и за хидропотенцијалот, односно водените ресурси со кои располага.
Активностите се во насока на развивање на рибниот туризам како алтернативна гранка на Туристичката понуда на Македонија. Риболовната карта, преку Агенцијата за развој на туризмот на Македонија, ќе биде дистрибуирана на туристички саеми и манифестации надвор од Република Македонија. Во Македонија изданието ќе може да се набави на граничните премини, во хотелите и другите сместувачки капацитети, на бензиските пумпи, специјализирани продавници.
Риболовната карта има и електронска верзија што ќе биде достапна и на социјалните мрежи, преку слободно преземање.