Владата ќе го поддржи бизнис секторот преку Фонд за иновации

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
    
Почитувани,

Владата на Република Македонија во 2013 година стратешки ќе се насочи кон помагање на бизнис секторот преку поттикнување на иновациите.

Во октомври Владата ја донесе Стратегијата за развој на иновациите 2012-2020 година, и Акцискиот план 2012-2015 година. Централна точка од Стратегијата е формирањето на нов Фонд за иновации и технолошки развој.

На минатата седница Владата ја усвои Информацијата за моделот за формирање на Фондот. Со моделот се пропишува рамката на дејност на Фондот и неговите специфични задачи.

Фондот за иновации и технолошки развој ќе биде формиран и ќе стартува со работа во 2013 година. Тоа ќе биде ново тело во политичко-економскиот систем на државата. Главен фокус ќе му биде поттикнувањето, но и финансирањето на иновациите, и општо поддршка на бизнис секторот.

Фондот ќе се развива во две поголеми фази. Во првата фаза, односно во 2013 година целосното финансирање на Фондот ќе го обезбеди државата. Во втората фаза, од почетокот на 2014 година покрај владиното финансирање, Фондот ќе обезбедува средства за својата функција и од странски извори на средства пред се од ИПА програмата за индустриска политика каде се предвидени средства за финансирање на трансфер на технологии и иновации, и средствата од Светската Банка, која стартува нов проект за подобрување на вештини (т.н. Skills project), преку кој може да се обезбедат средства за фондот и за градење на капацитети.

Фондот ќе ги врши следните функции:
-ќе обезбедува техничка помош и консултантски услуги за новоосновани и постоечки претпријатија за зголемување на инвестициите во иновации;
-финансирање и кофинансирање на истражувачи и иновациски проекти на претпријатијата;
-комерцијализација на знаењето и науката преку формирање на универзитетски спин оф компании основани од страна на студенти, научни работници и претприемачи-инвеститори.

Во првата фаза, додека се финансира единствено од државата, предвидено е Фондот да ги има следниве инструменти за финансирање и кофинансирање:
-доделување на грантови за start-up и иновации (до 10.000 евра)
-доделување на грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации (до 30.000 евра)
-еквити и мезанин инвестиции (до 80.000 евра)
-средства за техничка помош

Во втората фаза, односно по приклучувањето на средствата од Светска Банка и ИПА Индустриска политика, ќе се зголемат расположливите износи на постоечките инструменти, а ќе бидат воведени и нови:
-Грантови за start-up и иновации (до 20.000 евра)
-Грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации (до 50.000 евра)
-Еквити и мезанин инвестиции (до 150.000 евра)
-Поддршка на спин-оф компании (до 30.000 евра)
-Грантови за трансфер на технологии ( до 50.000 евра)
-Средства за техничка помош

Она што е особено значајно е дека Фондот ќе врши работи на поврзување на домашните компании и субјекти, како и стручна и експертска помош, и логистичка поддршка, за апликации и конкурирање за добивање средства на регионалниот проект на Европската Комисија “Платформа за развој на претпријатија и иновации”, чиј финансиски фонд ќе изнесува 140 милиони евра.

Во месец декември треба да биде изготвен Предлог - закон за иновации со кој ќе биде регулирано формирањето, управувањето и функционирањето на Фондот.

Основач на Фондот ќе биде државата што дава сигурност на процесот. Она што треба финално да се дефинира е само управувањето, за што Владата ќе одлучи меѓу два концепти:
1) Можност преку јавен повик да се избере фирма – друштво за управување со фондови (т.н. Фонд менаџер), која ќе управува со оперативните активности, изготвување на документите за Фондот, изработка на формулари, прашалници и останата потребна документација, ќе бара компании, ќе врши анализи и ќе припрема предлог-проекти за финансирање, меѓутоа нема да ја има одлучувачката улога.
За одлучување би бил формиран Комитет за одобрување на инвестиции кој би ги разгледувал предложените предлог-проекти од Фонд менаџерот и да одлучува (одобрува или не) за пласманот на средствата.   
И трето тело, Надзорен одбор, кој ќе биде составен од претставници назначени од Владата на Република Македонија, со задача да го следи работењето на фондот во насока на спроведува Стратегијата за иновации.
2) Со вториот концепт, државата сама ќе ги постави органите на управување, Управен одбор задолжен за оперативните активности и Надзорен одбор, со улога на супервизор на работата на Управниот одбор.

Изборот меѓу двата концепта ќе биде направен во соработка со меѓународни експерти од оваа област, пред се израелски експерти, кои ќе бидат ангажирани за потребите на Комитетот за претприемништво и иновации.

Со овој Фонд се прави силен пробив на полето на поддршка на компаниите и иновации. Преку него се обезбедуваат директни средства за поддршка на бизнис плановите. Затоа Владата уште отсега ги повикува компаниите, но и заинтересираните лица, студенти, научници да почнат со подготовка на проекти и планови за развој на бизнисите. Фондот ќе овозможува многу опции и инструменти, и тој ќе биде од голема корист за економскиот развој.