Отворени Деновите на македонското занаетчиство
Занаетчиството мора да се презентира како важен дел на стопанството. Тоа не е само традиција и чувар на културата, туку високотехничко занимање, атрактивно и перспективно особено за младите кое овозможува креирање нови работни места и отворање семејни бизниси. Сепак, неговиот потенцијал во Македонија не е целосно искористен пред се поради бирократските пречки, недоволното стручно образование и минималната практична обука.
Ова е пораката од денешното отворање на традиционалната манифестација Денови на занаетчиството, чие мото годинава е „Со организирано занаетчиство до европска иднина“.
Многу битен фактор за развој на оваа дејност, беше речено, е и уредувањето на односите меѓу Занаетчиската и регионални комори. Неопходна е стимулативна даночна политика за домашното уметничко ракотворење, обезбедување грантови, субвенции и поволни кредити, измени на постојните законски решенија, но и функционирање на институциите.
Како што истакнаа министрите за култура, за труд и социјална политика и за економија, Елизабета Канческа-Милевска, Спиро Ристовски и Ваљон Сарачини, надлежните институции, секоја во својот домен, обезбедува различни типови поддршка за заштита и заживување на старите традиционални занаети. Од 2007 до 2012 година се поддржани вкупно 725 занаетчии за почнување бизнис.
- Македонското занаетчиство отсекогаш било израз на врвна уметност, изработена од рацете на обичниот човек кој на парчето метал, дрво или кожа успевал да му даде убавина или живот, практична намена. Креативниот дух на нашите предци создал форми, творби, карактеристични за одредени периоди како одраз на неговата посебност и идентитет, истакна Канческа-Милевска.
Според Ристовски, македонската резбарска тајфа, самарџиството, грнчарството, наланарството и другите занаети се веќе реткост во Македонија и покрај фактот дека со децении во минатото и низ историјата, биле едни од основните обележја на нашата култура и традиција.
- Последниве години е општоприфатен податокот дека малите и средните претпријатија и занаетчиството се движечката сила на секоја пазарна економија зашто генерираат вработеност и економски раст. Занаетчиството нуди перспективи за младите невработени преку отворање мали бизниси, флексибилно е на промени и брзо реагира на промените. Преку квалитетни, стручно образовани и оспособени занаетчии со знаење, компетенции и вештини се подобрува ефективноста и конкурентноста на економијата, нагласи Ристовски.
Министерството за труд, додаде, доделува грантови за материјали и опрема во висина од 3.000 евра за почнување мали бизниси. Владата ќе продолжи со ваквата политиика за мотивирање на младите и отворање нови работни места.
За посигурен развој и заштита на интересите на занаетчиите, подобро економско опкружување и висококвалитетни тренинзи, Министерството за економија изготви Стратегија за развој на занаетчиството 2012-2020 која ги содржи главните насоки за обновување на занаетчиските активности. Целта на стратегијата, потенцира Сарачини, е да им помогне на малите бизниси да развијат и прменат нови технологии и да освојат нови пазари со што ќе се поттикне поголема конкурентост.
Генерален беше заклучокот дека перцепцијата за занаетчиството во Македонија се менува. Но, како што сугерираше Манфред Рубе, извршен директор на Занаетчиската комора на Кобленц, Германија, мора да се поработи на воведување т.н. дуален систем што подразбира истовремено стручно образование и пракса, на соработка меѓу регионалните и Занаетчиската комора, како и на отстранување на админситративните бариери.