Промовирана публикацијата „МАРРИ Миграциска анализа 2012“
Во Домот на АРМ во Скопје денеска беше промовирана публикацијата „МАРРИ Миграциска анализа 2012“ во издание на МАРРИ Регионалниот центар. Целта на оваа публикација е да помогне во регионални рамки да се следат миграциските процеси и дејствија.
Феноменот на миграции во глобални рамки, особено во изминатите години, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, без оглед на аспектот од кој што се третира, сепак, има свое влијание во врска со речиси сите сфери на општественото живеење.
- МВР веќе со години наназад, преку постигнатите резултати исклучително позитивно вреднувани од сите релевантни меѓународни фактори и институции, недвосмислено ја демонстрира својата посветеност не само кон оживотворување на европските нормативи и други стандарди, туку и за наше етаблирање како кредибилитетен партнер во меѓународната соработка и дејствување, рече Јанкулоска.
Таа посочи и на резултатите што МВР во континуитет ги постигнува во делот на борбата против трговијата со луѓе, како сегмент кој се испреплетува со миграциската проблематика, резултати заради кои, потсети, веќе неколку години наназад сме рангирани во светски рамки како земја која целосно ги исполнува стандардите во борбата против трговијата со луѓе.
- Пред нас има уште многу задачи, проекти, активности. Овој истражувачки труд „МАРРИ Миграциска анализа 2012“ во кој е опфатен периодот од последните три години, доволно илустративно ја покажува сложеноста и важноста на предизвиците кои не очекуваат, иако овде се работи за еден сегмент, истакна во обраќањето министерката за внатрешни работи. Таа оцени дека препораките што ги нуди оваа компаративна студија ќе имаат свој позитивен фитбек кој ќе реперкуира со преземање натамошнми мерки за градење ефикасни политики и активности во управувањето со миграциските текови во регионот - легални и илегални, азилот, визите, конзуларната соработка, граничното управување и слично, рече Јанкулоска.
Во таа насока, потсети таа, во изминатиот период се интензивира процесот на потпишување договори за реадмисија, добиена е визна либерализација, а е добиено полноправно членство во Меѓународниот центар за развој на миграциската политика (ИЦМПД), при што МВР веќе активно партиципира во два важни проекти и тоа едниот посветен на „легалната миграција“, а вториот за „миграција и развој“, па се до речиси финализираниот проект за воспоставување Интегрирана база на податоци за странци, која вклучува информации од областа на азил, миграции и визи.
Миграцијата како феномен е особено значајна, потенцира Трпе Стојановски, директор на МАРРИ, и сите земји од ЕУ веќе градат механизми и стандарди кои на поинаков начин го перципираат и го пресретнуваат прашањето на миграцијата, која е од исклучително значање од аспект на безбедноста, но и за развојот на државите, а пред се во развојот на регионалната соработка.
- Во однос на нелегалната миграција, како што говорат статистичките податоци, за нас е особено карактеристичен кракот кој од Азија води или е поврзан со Средоземното море, а тоа е пред се каналот кој оди преку Турција, доаѓа до Грција и продолжува во Македонија, кон север Србија, барајќи пристап до земјите од ЕУ и во дел до САД, рече Стојановски. Карактеристично е и тоа што, посочи, во последно време и линиите на „Туркиш“ авиокомпанијата регистрираат случаи кои се проблематични за институциите на земјите од Балканот, кои го користат патници од подалечниот исток од Пакистан, Авганистан, како и Сомалија и други африкански држави.