Попоски побара од Клинтон и европските колеги поддршка за ЕУ и НАТО
Министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој денеска учествува на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Даблин, во пресрет на самитот на ЕУ побара поддршка од неговите европски колеги Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство во Унијата.
Во овој контекст, Попоски во изјава за МИА истакна дека клучните пораки се однесуваа на очекувањата на Република Македонија да види приближување кон ЕУ во правец на остварувањата кои беа потврдени годинава од Европската комисија, за што, вели, поддршка уживаме во огромен број земји-членки.
- Мислам дека кај земјите-членки постои свест дека оние реформи кои се остварени во изминатава година се најкрупни досега и оти таквите резултати наметнуваат потреба од исчекор во процесот на интеграции. Тоа што го нагласив е дека нашите реформи кои ги спроведовме во минатата година со несмален интензитет ќе ги продолжиме и во идниот период и дека очекуваме тие да бидат препознаени од сите, и од оние кои досега не ја поддржувале одлуката за формално отпочнување на преговорите, посочи Попоски.
Шефот на дипломатијата на маргините на Самитот разговараше и со државниот секретар на САД Хилари Клинтот при што е потврдено дека Вашингтон и натаму останува наш главен поддржувач за ЕУ и НАТО.
- САД ја гледаат Република Македонија како идна земја-членка на НАТО и на ЕУ. Се ценат сите напори кои ги правиме и придонесот, кој го даваме како де факто НАТО земја-членка и во моменти кога нашето формално членство не е реализирано. САД, исто така, ни даваат поддршка и за напредок во процесот за европските интеграции. Секако дека билатералните прашања треба да бидат решавани помеѓу земјите кои се инволвирани во нив. Во нашиот случај имаме едно билатерално прашање кое ни е наметнато пред 20 години и кое го обременува напредокот во интеграциските процеси, рече Попоски.
Тој нагласил дека Македонија останува целосно посветена на процесот, кој треба да овозможи да се изнајде решение за билатералното прашање кое не попречува во правец на членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ.
- Овие пораки се многу јасни. Сакаме да бидеме конструктивен партнер, кој ќе придонесува за мир и стабилност во регионот. САД и останатите европски партнери го ценат тој наш придонес. Но, сметаме дека и нашите соседи треба да покажат доза на посветеност кон реализирање на заедничките цели, да не дозволиме оптовареност со индивидуални политички прашања да ја засенат идејата за обединета Европа. Тоа е една политичка одговорност, која ја носи оваа генерација на политичари на Балканот да придонесат кон приближување во вистинскиот правец, а тоа е ЕУ и НАТО, подвлече шефот на дипломатијата.
Во врска со изјавата на грчкиот заменик-министер за надворешни работи дека Димитрис Куркулас дека Грција не прифаќа да се користи придавката „македонски“ за нашиот јазик и идентитет, министерот Попоски рече оти не ја слушнал и не знае во кој контекст била кажана.
- Она што можам да го кажам генерално е дека ние се придржуваме до меѓународно - правната практика. Тоа е потврдено и сите оние што припаѓаат на семејство кое дели вредности како демократија, владеења на правото и почитување на човековите права, не може да поттикне каква било дискусија, која се однесува на оние основни човекови права особено од аспект на идентитет, јазик и културни посебности, порача во изјавата за МИА министерот за надворешни работи Попоски.