Научна конференција по повод Меѓународниот ден на човековите права

Во организација на Центарот за разбирање и институционална соработка денеска на Универзитет ФОН се одржа научна конференција по повод 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права.

- Под слоганот „Мојот глас е важен“ оваа година во фокусот се правата на сите луѓе, жени, деца, малцинства, лица со посебни права, сиромашни и маргинализирани групи, да се слушне нивниот глас во јавниот живот и да бидат вклучени во процесот на донесување одлуки, истакна министерот за правда Блерим Беџети во обраќањето на конференцијата по повод Денот на човековите права.

На овој ден, како што рече, го прославуваме Денот кога во 1948 година се донесе Универзалната декларација за човековите права. - Ја повторувам нашата решеност за натамошно унапредување и почитување на правата содржани во овој документ, особено слободата на мислење и изразување, слободно здружување и учество во Владата, истакна министерот.

Министерството за правда, како што нагласи Беџети, преку своите програмски активности ќе продложи да дава придонес во националните активности во Република Македонија за унапредување и спроведување на човековите права во областите на родовата еднаквост, недискриминацијата и правата на лицата со посебни потреби.

Заменик-народниот правобранител Нашиде Ибраими во обраќањето истакна дека не постои земја во светот која нема проблем со човековите слободи и права и оти Македонија не е исклучок од тоа.

- Проблемите со човековите права всушност произлегуваат од нивното непочитување, заради што народниот правобранител како заштитник на правата на граѓаните секогаш ја истакнува потребата не само за промовирање на правата, туку и за јакнење на начинот на нивната заштита, рече  Ибраими.

Тој посочи дека Денот на човековите права треба да биде поттик во насока на зајакнување на активностите за разбирање, толеранција и меѓусебно почитување.

Деканот на Правниот факултет во ФОН Универзитетот, Темелко Ристески во обраќањето нагласи дека сите права наведени во Универзалната декларација за човековите права се инкорпорирани во Уставот и законите на Република Македонија.

- Во современиот свет постојат бројни конвенции, декларации и резолуции за човековите права во кои тие се инкорпорирани. Но, мечтите на великанот Спарта за слобода, еднаквост и правда меѓу граѓаните и народите во светот ќе се остварат само ако овие акти доследно се практикуваат, додаде Ристески.

На денешната научна конференција учествуваат експерти од областа на човековите права од земјава и регионот.