Обраќање на министерот Бесими на Регионалниот состанок Македонија-Косово-Албанија во Приштина
„Градење на Регионални Капацитети за Справување со Вонредни Ситуации и Кризен Менаџмент“
Ми причинува особена чест во рамките на овој регионален состанок кој преставува еден континуиран напор што датира од минатата година, како плод на заедничките напори на нашите три држави, да констатирам дека сме се поблиску на една операционализација на нашите првични идеи и регионални залагања во делот на Градењето на Регионални Капацитети за Справување со Вонредни Ситуации и Кризен Менаџмент.
Ова посебно од аспект на фактот што станува збор за соседни земји, држави кои делат лошо и добро во најнепосредна смисла. Поаѓајќи од географската близина, како компаративна предност во поглед на транспортот на ресурси и стоки, идентичната природа на безбедносните проблеми и предизвици со кои се соочуваме, се отвора еден огромен потенцијал за наша можна соработка и во делот на помошта која што може да си ја пружиме во кризни ситуации.
Денес, мирот и безбедноста на државите и граѓаните преставува комплексен феномен кој во поширока смисла опфаќа соочување со заканите и решавањето на проблемите во пет безбедносни сектори: воен, политички, економски, социетален и еколошки.
Кога се мисли на можните еколошки закани, едно од најчестите сфаќања за тоа е најверојатно “борбата која ја водат луѓето со природата“ преставена во ликот нпр. на борбата со земјотресите и ураганите/хуриканите. Овие појави, со самата нивна природа е невозможно да бидат контролирани. Најновите феномени поврзани со човековото влијание врз планетата резултираат во глобално затоплување, загадување, зголемување на озонската дупка итн. Истите преставуваат простор каде ние може најјасно да видиме можност за контролирана варијабла во поглед на заштитата на околината. Доколку ова прашање дојде во преден план во годините кои доаѓаат, еколошкиот сектор ќе заземе многу поголемо внимание.
Можните иницијативи кои би го покренале ова прашање ќе бидат зависни од економската безбедност како и од политичката безбедност, бидејќи ова прашање може да се разгледува не само како прашање за заканите кон една земја туку и како глобална закана која ќе има поширок ефект.
Промените во животната средина, присуството на човекот и неговите интервенции на површината на земјата, деструкцијата на истата од страна на човекот, како и ризиците од природните катастрофи, ја демонстрираат потребата сите земји да си овозможат потребни структури за справување со вонредни состојби и управувањето со кризи, ефикасни не само на својата територија туку и способни да соработуваат и да споделуваат искуства, како со соседните земји така и пошироко.
Почитувани пријатели,
Областа на Балканот, е подложна на најразлични закани и ризици од природни катастрофи, кои од време на време предизвикуваат огромни загуби и штети како на човечки животи така и на материјални и културно-историски добра. Тука и Македонија како дел од Балканот е подложна на широк спектар на закани и ризици од ваков вид, а посебно од: земјотреси, шумски пожари, поплави, лизгање на земјиште, неексплодирани убојни средства итн.
Денес Субјекти кои учествуваат во управувањето со кризи, заштитата и спасувањето на населението и материјалните добра во Република Македонија се: Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување како и Јавни претпријатија, служби и дејности на кои заштитата и спасувањето им е основна професионална дејност. Со комплементарното и синенергетско дејствување се користат предностите, опремата и засебното професионалното искуство на луѓето вработени во овие институции.
За оптимално користење на државните ресурси во случај на кризи свое активно учевство зема и Министерството за Одбрана на Република Македонија. Законските основи за ангажирање на Армијата на Република Македоија се вградени во последните измени и дополни на Законот за одбрана во 2011 година според кој „МО организира подготовки на системот на Министерството за одбрана за справување со кризи, како поддршка на системот за кризен менаџмент на Републиката“. Исто така, и со Законот за управување со кризи е предвидено дел од Армијата да учествува во поддршка на полицијата во услови кога со кризната состојба е загрозена безбедноста на Републиката, а органите на државната управа немаат соодветни ресурси и средства за нејзина превенција и справување.
Министерството за одбрана беше носител на проектот на формирање на систем за кризен менаџмент во Република Македонија е подготвена да биде ментор во целосната изградба на ваков систем за управување со кризи во Република Косово.
Инаку во делот на регионалната соработка на земјите од Југоисточна Европа во сегментот на планирање и справување со вонредни ситуации, и превенција од катастрофи, Република Макоеднија активно учествува во следните иницијативи:
1.“Совет за цивилно воено планирање во вонредни ситуации за Југоисточна Европа“ (Цивил Милитарѕ Емергенцѕ Планинг фор СЕЕ),
2.„Иницијатива за подготвеност и превенција од катастрофи за Југоисточна Европа“(Дисастер Препареднесс анд Превентион Инитиативе-ДППИ)
Со овој состанок денес учествуваме и во конституирањето на една нова регионална иницијатива за соработка која станува стварност а тоа е трилатералната соработка на полето на вонредните состојби и управувањето со кризи.
Земајќи ги во предвид искуството од учество во регионалните инцијативи како и нашите законски и практични решенија кои ги споменав во претходниот дел, слободно може да истакнам дека сето тоа преставува еден солиден капацитет на сили и искуства кои ние како држава можеме и сакаме да ги споделиме со нашите соседи.
На крајот сакам да се заблагодарам, од мое име и од име на Владата на Република Македонија, на Владата на Соединетите Американски Држави, за безрезервната поддршка и помош на оваа иницијатива, како и другите регионални иницијативи со предзнак на кризен менаџмент.