МНР: Жалиме што не го добивме заслужениот датум за преговори
Македонското министерство за надворешни работи го уважува фактот што Советот на Европската унија го потврди напредокот на Република Македонија, но изразува жалење што и овој пат не ја донесе заслужената одлука за почеток на пристапни преговори.
МНР, како што се наведува во соопштението, го поздравува заклучокот дека проширувањето останува клучна политика на Европската унија, која продолжува да го зајакнува мирот, демократијата и стабилноста на Европа, а со тоа и Унијата да биде подобро подговена за совладување на глобалните предизвици и за реализирање на сопствените стратешки интереси.
Жалејќи што Советот на ЕУ и овој пат не ја донесе заслужената одлука за почеток на пристапни преговори со Македонија, Министерството сепак го бележи залагањето на Советот да ја конкретизира перспективата за почеток на преговорите. Министерството ја поздравува нагласената можност за донесување на одлуката за отворање на пристапните преговори во претстојниот период.
Министерството го уважува фактот што Советот на ЕУ го потврди и поздрави напредокот на Република Македонија во спроведувањето на реформите, особено во клучните области на реформата на изборниот процес, слободата на изразување во медиумите, јавната администрација, имплементацијата на Охридскиот рамковен договор. Ангажманот кој Владата на Република Македонија и сите државни институции го вложија во целосното спроведување на целите на Пристапниот дијалог на високо ниво е соодветно признаен. Реформите продолжуваат со засилена динамика, согласно веќе донесениот Акциски план на Владата за почеток на пристапните преговори со ЕУ, кои се пред сè во функција на подобрување на квалитетот на живеење на сите Македонски државјани.
На одржувањето на добрососедските односи и на изнаоѓањето решение под покровителство на ОН за наметнатиот билатерален спор за името со соседна Грција, Република Македонија отсекогаш посветувала и ќе продолжи да посветува суштинска важност и ангажман. Интензивните и конкретни проактивни напори кои Македонија ги вложува во развивањето на добрососедските односи се препознаени и признаени во сите досегашни извештаи на Комисијата, а се своевидно рефлектирани и во денешните заклучоци на Советот. Континуирано унапредувањето на добрососедските односи останува искрена и суштинска заложба на Република Македонија, се вели во соопштението од МНР.
Министерството ја реафирирмира важноста на годинашната обновена и зајакната препорака на Европската комисија за почеток на пристапни преговори со Македонија и високо го уважува ангажманот на Комисијата и на земјите-членки кои поддржаа нејзино соодветно процесуирање. Република Македонија и сите нејзини институции остануваат целосно подготвени за почеток на преговорите за членство во ЕУ час поскоро.
Република Македонија посакува и ќе продолжи посветено да работи денешните заклучоци на Советот да се процесуираат навремено и успешно во претстојниот мандат на Ирското Претседателство, во првата половина на следната година, со донесување на одлуката на Советот за почеток на пристапните преговори со Македонија во јуни 2013 година, наведува македонското МНР.