Арифи: ЕУ по четири години статус-кво утврди јасна рамка за преговори со Македонија

По четири години статус-кво во процесот на ЕУ-интеграцијата, Советот на министри на ЕУ утврди јасна рамка за пристапните преговори на Македонија која е од суштинско значење за евроинтеграцискиот процес, изјави на денешната прес-конференција вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи, коментирајќи ги заклучоците од синоќешниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата во Брисел.

- Рамката предвидува пристапните преговори да се отворат врз основа на извештај, кој ќе го подготви Европската комисија во првото тримесечје наредната година. Натамошната имплементација на реформите ќе биде предмет на оценка и Европската комисија ќе достави врз таа основа предлог-рамка за почнување на пристапните преговори и ќе спроведе аналитички скрининг за поглавјата 23 и 24, рече Арифи.

Запрашана за различните толкувања на заклучоците, Арифи со став дека ЕУ дефинитивно се воздржала од вокабулар на условување.

- Напротив, ни се дава рамка за заедничко подготвување за преговори со Унијата за реформите за членство. Во извештајот треба да се известува и за добрососедските односи како политички критериум и да се извести за напредокот по прашањето за името кое меѓутоа според заклучокот 42 останува во рамките на ОН, рече вицепремиерката Арифи, според која ова е најдобриот извештај досега од Советот на министри.

Таа со став и во однос на мислењето на Атина која заклучокот го толкува оти без решение за името нема да има позитивен извештај на ЕК.

- Одлуките во рамки на ЕУ се донесуваат со консензус. Тоа што треба да бидеме особено задоволни како земја е дека во рамки на овој Совет имавме огромна поддршка од европските институции, од голем број членки на ЕУ. Тие се ангажираа за нас во целиот процес како да се ангажираат за себе. И токму поради тоа, тоа е обврска повеќе зошто треба овој процес не само да го задржиме,  туку да го надградуваме и да го користиме во наша полза за да градиме подобри меѓународни односи како држава, рече Арифи.

Вицепремиерката за евроинтеграции посочи оти со оптимизам гледа на можноста земјата да ги отвори преговорите со ЕУ во јуни 2013 година, а го темели, вели, на нашата работа, коректност и силна ориентација кон ЕУ, која нема алтернатива.