Отворен пункт за ИМП во Драчево, поликлиниката со најсовремен биохемиски анализатор

Пункт за Итна медицинска помош (ИМП) е отворен денеска во рамки на поликлиниката во населбата Драчево. Ова е петти пункт на ИМП отворен на територија на Скопје, покрај постоечките во населбите Карпош, Чаир, Ченто и Аеродром.

Министерот за здравство Никола Тодоров изјави дека кон Поликлиниката во Драчево гравитираат околу 80 илјади граѓани на една голема територија која, како што рече, досега била покривана од пунктот кој се наоѓа во поликлиниката „Јане Сандански“ во Аеродром. Пунктот, посочи тој, ќе има 24-часовна покриеност и во него ќе работи тим составен од доктор, сестра и возач.

- Многу лесно може да се пресмета колку е потребно на ИМП од пунктот во поликлиниката „Јане Сандански“ да дојде во Драчево, Студеничани или во Зелениково. Некогаш тоа може да биде и повеќе од 40 минути до еден час и на тој начин се губеше драгоцено време и ИМП не беше итна, беше многу бавна не само заради немање воља да се даде услугата, туку затоа што едноставно немаше можност тоа да се направи, истакна Тодоров.

Посочи дека со отворање на ИМП во Поликлиниката во Драчево се решава тој проблем.

- Се решава и проблемот на лабораторијата. Набавен е најсовремен биохемиски анализатор кој овозможува правење 400 анализи на час. Тука гравитираат од 100 до 150 пациенти дневно, кои досега овие услуги ги добивале во други поликлиники во Центар, „Јане Сандански“ или на друго место. На тој начин не само што им ја доближуваме здравствената услуга на граѓаните, туку и сериозно ги растоваруваме од гужви овие поликлиники каде досега тоа се правеше, рече Тодоров.

Со отворање на интернистичката служба во Поликлиниката во Драчево во пролетта годинава, укажа министерот, бројот на пациенти драстично се зголеми.

- Правиме напори заедно со директорката на Здравствениот дом-Скопје и директорите на клиниките да овозможиме еднаш до два пати неделно да имаме покриеност со специјалисти од оториноларингологија, офталмологија и дерматологија кои ќе бидат тука и ќе даваат здравствени услуги за граѓаните од овој регион. Сакаме тоа да биде еднаш до два пати неделно бидејќи не станува збор за итни патологии и на тој начин повторно ја доближуваме оваа услуга до граѓаните и ги растоваруваме клиниките, истакна Тодоров.

Ова се проекти, како што рече, кои го подигнуваат квалитетот на здравствената заштита.

- Се работи повеќе и на превенција затоа што со доближување на услугите до граѓаните, тие можат да ги добијат побрзо и поблиску до своето место на живеење. На тој начин правиме сериозна заштеда во целиот здравствен систем во Македонија, нагласи Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека во Здравствениот дом - Скопје се вработени 23 лица, односно 16 доктори, четворица стоматолози и останатите тројца се преземени од други здравствени установи во Македонија.

Министерот Тодоров информира дека Фондот за здравствено осигурување на Македонија неодамна во Драчево отвори своја подрачна канцеларија со што, како што додаде, се заокружува и административниот аспект на функционирање на здравствениот систем.