Нов систем за учење на администрацијата со обуки во тек на работното време
Вработените во администрацијата ќе добијат можност постојано да учат за новините во областа на своето работење и да ги подобруваат знаењата во текот на работното време кога ќе немаат работни обврски. Тоа треба да се реализира со примена на систем за микро учење, т.н лејтнер модел на едукација, што го најави денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Доколку забележи дека вработениот на компјутерот нема активност, системот ќе му постави прашање. Различни целни групни во администрацијата ќе имаат различни прашања зависно од областа со која работат. Со постојаните едукации кои ќе им се нудат во тек на работното време вработените ќе немаат потреба за посета на обуки надвор од својата институцијата. Раководителите пак ќе имаат постојан преглед за способностите и недостатоците на своите кадри, но и за нивните желби за прифаќање или одбивање на можностите за учење. Врз основа на тоа ќе ги наградуваат, прераспоредуваат на други работни места, заменуваат со други вработени.
Според Ивановски, по секоја измена на законите административците уште наредниот ден преку новиот систем ќе добијат можност да ги научат. МИОА ќе подготви можност да добијат преглед на новините преку портал за учење или преку паметните телефон.
- Во секој момент менаџерите во институциите ќе имаат статистика кој сака, а кој не сака да учи. Прашањето на компјутерот или на паметниот телефон секој има опција да го одговори или не. Доколку го одговори, но тоа е погрешно, системот го информира за тоа и го едуцира кој е правилниот одговор со објаснување. Системот на лејтнер е така направен што во одреден период доаѓаат исти прашања, рече Ивановски.
Новиот модел, според него, треба да биде применет наскоро. - Веќе сме во сериозни преговори со научниците кои го изготвуваат. Има интерес од двете страни Македонија да стане регионален центар за микро учење, најави министерот.
Со системот се опфатени и раководителите на сектори, но не и функциониерите, што не е исклучено. Кога ќе се направи новиот модел на оценување базиран на компетенции директорот веќе ќе има објективна слика кој колку знае и колку треба да направи во карирата, појасни Ивановски.
Во отчетот за работењето на МИОА во изминатите сто дена, министерот наведе дека фокусот на неговиот ресор бил насочен кон реализција на активностите од Стратегијата за реформа на јавна администрација, предвидени за 2012 година и аналза и подготовки на проекти за следната година. Според системот за следење на реформата на јавната администрација, изготвен со германски консултант, веќе се надминати проектираните цели за тој период. Во областа на управните постапки досега се реализирани 36 проценти од предвидени цели, 37,7 проценти во системот за државна служба и човечки ресурси, како и 29,2 проценти во политиката за спречување на корупција. Тој систем постојано ќе биде следен и од ЕУ, односно специјалната работна група на Брисел и на Македонија за реформа на администрацијата ќе може да ги следи заедничките цели на јавната администрација.
Меѓу проектите на кои работело МИОА во изминатите 100 дена Ивановски ги наброја Предлог програмата за проширување на системот за меѓусебно поврзување и користење на регистрите на бази на податоци во државните органи, активностите за изработка на веб портал за е-демократија, спроведените обуки за функционери, акцискиот план за унапредување на електронската трговија, проектот за оценка на администрацијата, пилот проктот за е-агро берза, надградбата на системот за полагање испит на јавната администрација, како и активностите за проектот за електронски даноци, кој е во завршна фаза.
Нерееализиран е проектот за регистар на вработените во администрацијата, за кој, според Ивановски, МИОА уште во јули годинава го изготвила софтверот, но 400 јавни претпријатија уште не го пополниле. Доколку во рокот од десет дена што им го даде управниот инспекторат не ја испочитуваат обврската тогаш ќе следат казни за директорите.