Министерот Попоски приреди новогодишен прием за дипломатскиот кор акредитиран во Република Македонија
По повод претстојните новогодишни празници, министерот за надворешни работи Никола Попоски денес во просториите на министерството приреди свечен прием за дипломатскиот кор акредитиран во Република Македонија.
Во своето пригодно обраќање, тој пред присутните во куси црти ги истакна предизвиците со кои беше соочена македонската дипломатија во годината што изминува. Притоа, министерот Попоски се осврна на евро-атлантските интеграции како приоритети на македонската надворешна политика, како и заложбите преку кои Република Македонија успешно се промовираше како лидер во развојот на добрососедските односи во регионот на Југоисточна Европа.
Министерот Никола Попоски посочи дека најголем дел од активностите на надворешно-политички план во 2013 година, остануваат во правец на зачленување во НАТО и отпочнување на преговорите со Европската унија, континуираното унапредување на добрососедските односи, продолжување на разговорите во ОН околу разликaта за нашето уставно име, продолжување и афирмација во грижата за македонските заедници кои живеат надвор од државните граници, како и подршка и надградување на политиките за заштита и промоција на човековите права.
На крај, министерот Попоски на претставниците од дипломатскиот кор им посака мирна и среќна 2013 година, со желби за взаемно разбирање и успешна соработка.