Владата објави оглас за геолошки истражувања на 72 локации

Предмет: Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
    
Почитувани,

Стратешка определба на Владата е овозможување на поволни услови и бизнис клима за работа на компаниите и отворање на нови работни места. Се преземаат широк опсег на политики за нејзина реализација.

Специјална компонента во реализацијата опфаќа искористувањето на минералните суровини. Оваа сфера во минатото била доста запоставена, а нуди големи перспективи. Владата во изминатите три години со стратешко фокусирање, носењето на нов закон за минерални суровини, се насочи на искористувањето на минерални суровини, при што во самата дејност имаме голем развој и се постигнува континуирано зголемување на приходите.

Во дејноста работат околу 2000 работници.
Во 2010 година по основ на уплати за истражувања и експлоатација на минерални суровини  биле инкасирани 422 000 000 денари, од кои за општините биле 330 000 000.
Во 2011 биле инкасирани 496 000 000 денари, од кои за општините 386 000 000 денари.
Во првата половина на 2012 се инкасирани околу 250 милиони денари, од кои за општините околу 200 милиони денари. Владата за да излезе во пресрет на општините го смени соодносот на процентите на уплата кои одат во државниот и општинскиот буџет, и наместо претходните 60-40 за државата, сега е 78-22 за општините, и за две и пол години општините по овој основ добиле околу 12 милиони евра средства кои претходно ги немале.

Заради овозможување на нови услови за раст на бизнисите, и заради отворање на нови работни места и обезбедување на нови приходи за општините и државата кои ќе се користат повторно за потреби на граѓаните, Владата распиша најголем досега единечен јавен повик од оваа сфера за добивање на концесии за детални геолошки истражувања на минерални суровини.

Јавниот повик трае до 21 јануари. Распишан е за вкупно 72 локации каде ќе се вршат деталните геолошки истражувања за минерални суровини, и тоа:

-36 локации за неметалични минерални суровини;
-31 локација за металични минерални суровини- сектор во индустријата која е обемна и отвора многу работни места (меѓу нив и особено интересниот локалитет Мајден-односно познатиот Алшар од околината на Кавадарци, за кој постои и меѓународен интерес за истражувања и експлоатација);
-4 локации за украсен камен и
-една локација за геотермални води.

Право на учество на овој јавен повик за геолошките истражувања имаат домашни и странски правни и физички лица и конзорциуми кои ќе ги исполнат критериумите распишани со јавниот повик. Почетната цена за добивање на концесијата е 60 000 денари, а ја добива оној кој ќе понуди највисока цена. Потоа тој има право на истражувања, а потоа и на експлоатација на најдената суровина.

Првичните информации се дека постои задоволителен интерес меѓу потенцијалните субјекти, особено меѓународни компании кои се заинтересирани за понудените геолошки истражувања, и апелираме и домашните субјекти да ја искористат оваа исклучително поволна опција.

Тоа ќе значи приход за бизнисите, обезбедување на егзистенција на многу компании, како и на дополнителен број на вработувања, но и нов приход за општините и за државата, пари кои ќе може да се употребат за нови проекти за граѓаните.

Исто така во првата половина на јануари ќе биде објавен јавен повик, овој пат не за истражување па за експлоатација, туку за директна експлоатација на околу 30ина локалитети, а финалната листа ќе биде утврдена на следната седница на Влада. Почетната цена за добивање концесија ќе биде 120 000 денари, а ќе се одвива по пат на електронска аукција што е новина во системот која ќе обезбеди транспарентност и конкурентност.

За дополнително уредување на оваа дејност и нејзин развој, Владата одлучи од 1 јануари 2013 година да започне со работа новооснованиот Геолошки завод, кој ќе има за задача:
-Продолжување на прекинатите проекти по современите концепти на истражување- векторизација и надградба на државните геолошки карти и истражување на минералните суровини;
-Ширење на геолошките истражувања во документирање на петротермални ресурси, унапредување на геобазата за развој на агростопанството, атрактивни георесурси за туристичка понуда, ...;
-Потребниот придонес во поддршката на државни мега-проекти - како проектот “Вардарска Долина“, ...;
-Креирање на нови државни мега-проекти - како “Користење на кондуктивни хидротермални системи за складирање на подземна вода и интензивно производството на храна“, ....
За директор на Геолошкиот завод Владата го назначи д-р. Гаврил Мираковски - дипл.инж.геолог-геофизичар - со богато професионално минато, сериозни стручни и научни референци, и со работно искуство во Геолошкиот завод - Институт за  истражување на минерални суровини и 32 годишен стаж во ИЗИИС-Скопје.