Сарачини: Општина Чаир, модел на имплементација на мерки за енергетска ефикасност
Општина Чаир денеска го пушти во употреба модерниот систем за јавно осветлување, изграден по принципот на енергетска ефикасност.
Министерот за економија Ваљон Сарачини, кој по овој повод ја посети општината, упати честитки до градоначаникот Изет Меџити за успешно спроведување на проектот и апелираше сите општини да го следат примерот на Чаир.
- Овој проект овозможува рационализација на потрошувачката на електрична енергија во услови кога цените на енергенсите постојано растат. Само со замената на постојните светилки со ЛЕД светилки, општината ќе ја намали потрошувачката на енергија за најмалку 60 отсто, изјави министерот Сарачини.
Општина Чаир, додаде, имплементира визионерски чекор во служба на граѓаните, воспоставување информативен центар, со што се воспоставува автоматски систем за надзор на осветлувањето, како и примање информации за надзор на степенот на нивната инволвираност и потребата за замена на светилки или кој било друг вид интервенција, што ќе придонесе за отстранување на дефектите во најкус можен рок.
Општина Чаир, како што рече градоначалникот Меџити, го спроведе проектот со моделот на јавно-приватно партнерство. Вкупната вредност од еден милион евра е целосна инвестиција на приватниот партнер, не е потрошен ниту еден денар од џебот на граѓаните.
- Заменивме и инсталиравме вкупно 2.000 светилки, градејќи на овој начин модерен систем за јавно осветлување, со кој ги покриваме сите улици и улички кои се под наша ингеренција. Ова е европски тренд, од кој не е исклучена ниту нашата општина, напротив, Чаир е во чекор со европските метрополи. Целосната вредност на инвестицијата е спроведена од страна на приватниот партнер, без средства од граѓаните, рече Меџити.
Модерниот систем за јавно осветлување во Чаир го спроведе компанијата КМГ КВАЗАР, која во текот на следните 14 години, колку што ја има концесијата, ќе го одржува системот за осветлување, а граѓаните ќе можат да ги пријават дефектите во системот на три начини, со повикување на центарот за повици кој е во во просториите на општината, со испраќање СМС или е-маил.