Клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ - Скопје одбележува 50 години од постоењето

Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ - Скопје одбележува 50 години од постоењето. Со успех во дијагностицирањето и третманот на хирушки болни и повредени Клиниката функционира во системот на јавни здравствени институции во Република Македонија.

По тој повод денеска се одржа свечена академија на која во обраќањето пред присутните, министерот за здравство Никола Тодоров рече дека Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ е една значајна институција и сегмент во здравствениот систем на Република Македонија.

- Тој систем одлично функционираше овие 50 години. Јас сум убеден дека со сите реформи, со сите набавени нови апарати, со новата опрема, со едуцираниот кадар со кој располага, оваа здравствена институција ќе остане една од најреномираните јавни здравствени установи во Македонија, посочи Тодоров.

Тој им се заблагодари за упорната работа на сите здравствени работници кои својот живот го вградиле во унапредување на работата на оваа еминентна здравствена установа, на сите кои во овој момент таму работат и на оние кои 50 години работеле во таа здравствена установа.

- Министерството за здравство и Владата целосно, јасно и недвосмислено стојат позади оваа здравствена установа. Доказ за тоа набавената опрема од околу шест милиони евра, постојаните континуирани медицински едукации кои им се овозможуваат на вработените од оваа здравствена установа, додаде министерот Тодоров.

Директорот на Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, Јасминка Чабуковска-Радуловска во име на вработените и менаџерскиот тим во знак на благодарност на Министерството за влогот во таа здравствена установа и едукацијата на кадри, му додели Златна плакета  на министерот Тодоров.

- Годишно правиме околу 60 илјади амбулантски прегледи, 4.000 операциии и се третираат околу 6.000 пациенти. Во иднина приоритет ни е внатрешно реновирање на институцијата и едукацијата на кадри бидејќи добивме современа медицинска опрема благодарение на Министерството и Владата. Работиме на испраќање кадри во странство, посочи Чабуковска- Радуловска.

Таа рече дека таа здравствена установа почнала да работи со пет лекари специјалисти, 10 специјализанти, 35 медицински сестри и останат медицински персонал.

- Во моментот имаме 74 лекари, од кои повеќето се специјалисти и субспецијалисти, 15 специјализанти, 110 медицински сестри и останат помошен персонал, односно вкупно 300 вработени на Клиниката, додаде Чабуковска-Радуловска.

Одговарајќи на новинарско прашање по свечената академија за попладневната средба со претставници на синдикатите за здравство, министерот Тодоров рече дека очекува оти ќе има позитивно придвижување и да постигнат договор во наредниот период.