Промовиран проектот „Летен камп за истакнати ученици“

Министерството за образование и наука во соработка со Машинскиот, Технолошко -металуршкиот и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, во летниот период во Охрид ќе организраат дво неделен Летен камп наменет за талентираните средношколци.

За учество на кампот, за кој Министерството наскоро ќе објави оглас, ќе можат да аплицираат ученици од прва, втора и трета година средно образование кои имаат значителни достигнувања во полето на математика, физика, хемија, биологија и информатика.

На кампот ќе учествуваат вкупно 45 ученици, а секој од трите факултети ќе учествува со предавање на еден предмет чија наставна програма е специјално дизајнирана за потребите на учениците. Наставата ќе се одвива интензивно со по седум часа дневно во текот на работните денови и два часа во недела, а учениците ќе можат да изберат само еден предмет. Секоја од трите групи ќе биде составена од по 15 ученици.

- Проектот „Летен камп за истакнати ученици“ има за цел да идентификува талентирани ученици од средните училишта во Република Македонија кои ќе ги доразвијат вештините или интересите што ги имаат  за одредени теми, како и да направи дополнителна промоција на техничките науки. Лани имавме проект преку кој четири средношколци  поминаа три недели на Универзитетот Џон Хопкинс во САД, проект што ќе продолжи и годинава, но идејата е да им се овозможи  на поголем број ученици кои имаат одредени интереси или вештини да можат да ги доразвијат во рамки на нашата држава со помош на факултетите кои имаат развиено научно-истражувачка дејност во секој од областите кои ги покриваат, рече министерот за образование и наука Панче Кралев на денешната промоција на проектот на Технолошко-металуршкиот факултет.

Нагласи дека селекцијата на средношколците што ќе аплицираат за учество во проектот ќе ја прават факултетите во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието кое, како што рече, веќе има развиено некој вид на првилници и упатства за  идентификација на талентирани ученици. 

- Се надевам дека учениците кои ќе учествуваат на овие кампови ќе имаат можност да ги доразвијат своите вештини или да научат нешто повеќе во полето на нивниот интерес, рече Кралев.