Премиерот Груевски се сретна со турскиот министер за надворешни работи, Давутоглу

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (петок, 21.12.2012 година) оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Турција г-дин Ахмет Давутоглу.

На средбата беа констатирани одличните билатерални односи кои постојат меѓу двете земји, кои се на високо ниво на секое поле од заеднички интерес, и кои се развиваат низ континуираното нивно унапредување и долгогодишното пријателство. Беше истакнато дека двете држави и народи развиваат цврсти односи, кои се базираат на заемно почитување, поддршка и работа на промовирање на заедничките цели и интереси.
 
Двајцата соговорници ја поздравија и ја истакнаа сериозната улога и позитивното значење на  неодамнешната одлука со која амбасадата на Република Турција во Скопје ќе биде амбасада за контакт на Република Македонија со НАТО.

Соговорниците го поздравија и денешното потпишување на договорот за формирање на културно-информативни центри на двете земји во Скопје и Истанбул, со кој ќе се придонесе за дополнително унапредување и продлабочување на културната соработка.

Премиерот Груевски го информираше соговорникот за реформите и модернизацијата кои ги презема Владата, и кои од страна на Европската Комисија добија позитивна оценка за напредок во сите области од општественото живеење. Од негова страна беше посочено дека Република Турција е значаен поддржувач и лобист за прашањата кои се од значење на нашата држава, и за нашите национални и државни интереси, како и промотор за реализација на заедничките вредности и цели за евроатлантска интеграција на регионот на Југоисточна Европа.

Премиерот Груевски на средбата ги констатира и одличните економски односи кои се развиваат меѓу двете држави, а кои се преточени во конкретни директни инвестиции, и истакна дека плодната економска соработка вроди со изградба на фабрики и капацитети во Република Македонија, а останатите инвеститори се очекува во скоро време да ги отворат своите капацитети. Таквите инвестиции даваат можност за нови вработувања и продлабочување на заедничката економска соработка и трговска размена. Токму добрите пријателски односи позитивно влијаат и ги охрабруваат потенцијалните инвеститори, истакна премиерот Груевски.

Од страна на турскиот министер за надворешни работи Давутоглу  беше истакнато дека Турција останува активен партнер, и отворен и силен поддржувач на Република Македонија во поглед на евроатлантските аспирации, и реализацијата на нашите стратегиски интереси. Република Турција ги цени и поздравува достигнувањата и напредокот кои го постигнува Република Македонија на тој план, истакна Давутоглу.

Тој го пренесе ставот на турската Влада дека нивна цел е на полето на економската соработка трговската размена да го достигне нивото од 1 милијарда долари во следниот период. Тој посочи дека економската турнеја на премиерот Груевски која беше реализирана во шест града во Турција во текот на оваа година за промоција на инвестициските можности и поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори, во огромна мерка помогнала за реализацијата на инвестициите и засилување на економската соработка.

Соговорниците разговараа и за конкретни проекти од областа на соработката во културата при што беа акцентирани проектите за возобновување и реставрација на куќата на родителите на Мустафа Кемал Ататурк, проектите за заштита на отоманското културно наследство и користење на артефактите кои ги поседуваат културните институции од Република Турција во интерес на потребите на Република Македонија.