Ден на идеи во Владата, премиерот и министрите на директни средби со граѓаните
Повеќе граѓани денеска имаат можност во Владата на Реублика Македонија во Скопје директно да им се обратат на премиерот и министрите и нивните соработници со свои идеи или проблеми. Во другите градови граѓаните тоа може да го сторат на плоштадите.
Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев изјави дека „Денот на идеи“ е една од повеќето отворени манифестации кои ги применува Владата со цел да се постигне кохезија, соработка меѓу народот и институциите на државата, да се направи синергија на идеите кои ги имаат граѓаните во насока на креирање на определени проекти и политики.
- Ние сме задоволни од големиот интерес на граѓаните. Освен во Владата, „Денот на идеи“ се одржува и во сите поголеми населени места во Република Македонија, на централните градски плоштади. Според информациите, досега има поголем број на идеи кои граѓаните ги даваат, како и изминатите години, рече Ѓорѓиев.
Идеите кои ќе бидат собрани денеска, потенцира тој, согласно заклучокот на Владата во рок од две недели од страна на Канцеларијата на претседателот на Владата треба да бидат собрани и испратени до институциите на кои се однесуваат.
- Потоа во рок од две недели, самите институции треба да направат проекти врз основа на идеите кои се прифатливи, согласно нивните ингеренции, можности и финансиските потенцијали на државата и да ги вратат до Кабинетот на премиерот. Финалната листа од прифатените идеи треба да биде доставена во рок од една седмица на седница на Влада и Владата да формулира конкретни политики и проекти врз основа на овие идеи, рече Ѓорѓиев.
Тој додаде дека се очекува Владата да расправа по однос на идеите коишто се добиени од граѓаните околу средината на јануари.
- Владата досега има покажано дека има реализирано голем број проекти кои се добиени како резултат на идеите на граѓаните, како идејата за откуп на дворовите по повластени цени, увоз на половни автомобили од странство со намален давачки, идејата за денационализација... Владата, не само на „Денот на идеи“, постојано е отворена за идеи и проекти од страна на граѓаните, истакна Ѓорѓиев.
Тој ги охрабри граѓаните и апелираше се она што тие оценуваат дека постои како можност и како идеја за да го подобри секојдневието, состојбите во државата, да задоволат потреби на определена група на население, да ги истакнуваат до Владата на овој „Ден на идеи“.
Еден од граѓаните кој присуствуваше на „Денот на идеи“ изјави дека сака средба со министерот Неждет Мустафа.
- Бараме подобрување на животот, стандардот и вработувања за сите Роми во Македонија, поточно за жителите од Шуто Оризари. Бараме подобри патишта и да се собира почесто сметот, изјави жителот од Шуто Оризари.
Граѓаните до Владата изнесоа повеќе предлози, како поголема соработка со дијаспората, да се направи едукативна школа за младите од Детскиот парламент на Македонија, проект „Воспитанието да му се врати на образованието“...